ДУИ за даночните проблеми: Неприфатливо е граѓаните кои работеле во Ирак и Авганистан да се третираат како извор за полнење на државната каса

„Владините даночни политики ги ограбуваат граѓаните и создаваат правна несигурност“, обвинуваат од „Мала Речица“

од Nikola Popovski
21 прегледи Фото: Фејсбук страница на ДУИ

Демократската унија за интеграција изразува длабока загриженост за, како што велат, неправедните и репресивни даночни политики на Владата, кои директно влијаат врз граѓаните, особено врз оние кои работеле во странство во тешки и опасни услови.

Според ДУИ, протестите пред Управата за јавни приходи се јасен доказ за институционален неуспех и слепа даночна политика, која преку ретроактивни даноци им наметнува неправеден финансиски товар на граѓаните кои со години ја обезбедувале егзистенцијата на своите семејства и придонесувале за економијата на земјата.

-Неприфатливо е граѓаните кои работеле во меѓународни мисии во Ирак, Авганистан, како и во други земји, честопати ризикувајќи го својот живот, денес да се третираат како извор за полнење на државната каса. Уште поскандалозно е непризнавањето на статусот на даночен нерезидент, и покрај јасните законски докази и фактот дека повеќето од нив престојувале во странство повеќе од 183 дена.

Оваа влада, преку УЈП, создава правна несигурност, игнорирајќи го законот и претворајќи го оданочувањето во средство за казна. Граѓаните не се против даноците, туку се против грабежот, неправдата и ретроактивните одлуки што го нарушуваат нивното достоинство и економска безбедност, велат од партијата.

ДУИ бара итно суспендирање на даночните одлуки со ретроактивно дејство, целосно признавање на документацијата за статус на нерезидент и институционална транспарентност и јасност

-Владата мора да ги запре политиките што ги ограбуваат граѓаните и да разбере дека државата не се гради со казнување на оние што се жртвувале. ДУИ ќе продолжи да биде гласот на граѓаните и да се спротивставува на секоја политика што ја нарушува социјалната правда и човечкото достоинство, стои во партиското соопштение.

Поранешните вработени во Ирак и Авганистан, повеќе од две недели протестираат пред УЈП за решавање на нивниот проблем од надлежните институции, притоа побараа помош и од градоначалникот и Советот на Општина Куманово.