Тренчевска: Власта одби бришење на рокот од 5 години за конфискација на имот стекнат со криминал

„Тендер коалицијата ВМРО-ЗНАМ ги одби сите амандмани за КЗ, правда со рок на траење не е правда“, порача потпретседателката на СДСМ

од Nikola Popovski
115 прегледи Фото: СДСМ

Потпретседателката и пратеничка на СДСМ, Јована Тренчевска, обвини дека коалицијата ВМРО-ЗНАМ на денешната комисиска расправа ги одбила сите амандмани поднесени од СДСМ за Кривичниот законик, вклучително и предлогот за враќање на членот 353 – злоупотреба на службената положба и овластување, во формата пред измените од 2023 година.

Според Тренчевска, причината за ваквата одлука е јасна – со сегашните законски решенија, како што рече, не постои вистинска одговорност во најкритичната област, а тоа се тендерите. Таа оцени дека без силен и ефикасен член 353, владејачката коалиција си остава простор државните пари да се распределуваат кон блиски фирми, без страв од санкции.

Тренчевска информираше дека бил одбиен и амандманот со кој СДСМ барало бришење на рокот од пет години за конфискација на имот стекнат со криминал, посочувајќи дека е недозволиво украдениот имот од граѓаните да не може да се конфискува без оглед на времето кога е стекнато. „Правда со рок на траење не е правда“, порача таа.

Како трет спорен момент, Тренчевска наведе дека владејачкото мнозинство одбило да воведе строги и јасни правила за функционирањето на системот „Safe City“, со кои дигиталните податоци и снимки би се бришеле во рок од 48 часа, а пристап до нив би бил можен исклучиво со судски налог. Според неа, со ваквото решение се остава простор за злоупотреби и за претворање на Министерството за внатрешни работи во партиски инструмент за следење, притисоци и уцени врз граѓаните.

Дополнително, таа посочи дека биле одбиени и амандманите за драстично зголемување на казните за организиран криминал, како и за проширување на условите за конфискација, со цел криминалниот имот да не може да се сокрива зад туѓи имиња, параван-фирми и фиктивни сопственици. Тренчевска истакна дека не поминале ниту предлозите за зајакната кривично-правна заштита на децата од најтешките форми на експлоатација.

„Ова е уште еден доказ за она што СДСМ подолго време го говори – се случува грабеж на државните пари преку криминални тендери, а наместо правда, гледаме обид за спас од одговорност“, изјави Тренчевска.

Таа порача дека, и покрај актуелните одлуки, одговорност за криминал ќе има. „Кога-тогаш, никој нема да се спаси. Сите ќе одговарате“, порача потпретседателката на СДСМ.

Слични содржини