„Мило ми е што пред 9 години Бугарите гласаа за мене за претседател. И нивната поддршка продолжува. Навистина е возбудливо, а за мене оваа емоција е поскапоцена од која било социологија“. Ова го изјавил претседателот на Бугарија, Румен Радев откако ја напуштил претседателската функција и ѝ ја предал на неговата заменичка Илијана Јотова.
-Денес беше мојот последен ден како претседател и прв ден како граѓанин кој верува дека со заеднички напори можеме да ја промениме Бугарија, да ја заштитиме демократијата, да го почитуваме законот, да го забрзаме економскиот развој, така што секој од нас ќе се чувствува слободен и достоен граѓанин на Бугарија, рекол Радев, пренесуваат бугарските медиуми.
-Сакам да ви кажам дека тие не можат да го запрат бранот, бидејќи нè има многу. Нашата кауза е заедничка – Бугарија. Беше голема чест за мене. Ви благодарам, додал сега веќе поранешниот шеф на бугарската држава.
Радев претходно ѝ ја предаде претседателската функција на Јотова на свечена церемонија, откако поднесе оставка на 19 јануари. Таа беше усвоена од Уставниот суд со целосна едногласност.
Радев е петтиот демократски избран претседател на Бугарија. Тој беше избран за прв мандат во ноември 2016 година, а во ноември 2021 година беше реизбран за втор мандат. Во периодот 2014-2016 година, Румен Радев беше командант на бугарските воздухопловни сили.
До денес, немало случај на оставка од страна на претседател на Бугарија.