Венецуелска нафта патува кон Шпанија, во подготовка и пратка мазут

Трговската куќа Trafigura продала пратка венецуелска нафта на шпанска рафинерија, додека конкурентската компанија Vitol се подготвува за извоз на венецуелски мазут, изјавија извори од нафтената индустрија.

од desk4
9 прегледи Фото: Принтскрин/Еј-Би-Си Њуз

Со тоа се сигнализира забрзување на испораките во рамки на договор кој предвидува вкупна вредност на пратките од две милијарди долари.

Американски дозволи и првите големи зделки

Vitol и Trafigura на почетокот на годината ги добија првите американски дозволи за утовар и извоз на венецуелска нафта. Продажбата минатата недела достигнала вредност од околу 500 милиони долари, односно приближно 11 милиони барели, изјавија американски официјални претставници.

Според податоците од поморскиот сообраќај и извори од индустријата, трговските компании ја презеле нафтата и ја складирале во терминали на Карибите, од каде што понатаму ја нудат на рафинерии во САД, Европа и Индија.

Trafigura оваа недела ја финализираше првата продажна трансакција во договор со шпанската компанија Repsol. Vitol, пак, според изворите, преговарал за испораки со американските рафинерии Valero и Phillips 66, како и со италијанската рафинерија Saras, во чија сопственост е делумно. И Vitol и Trafigura одбија да ги коментираат овие наводи.

Договорот меѓу Каракас и Вашингтон ги забрзува испораките

Продажбата укажува на забрзана примена на договорот меѓу Каракас и Вашингтон за испорака на 50 милиони барели нафта, наведува Reuters. Милиони барели венецуелска нафта повторно почнаа да се движат кон рафинериите ширум светот, кои со години не можеа да ја купуваат поради американските санкции.

Американски официјални претставници посочуваат дека Венецуела сега добива значително повисока цена за нафтата отколку во периодот на санкциите, кога беше принудена да нуди големи попусти за да привлече купувачи.

Vitol и Trafigura ја платиле венецуелската нафта по цена околу 15 долари по барел пониска од лондонскиот Брент, додека претходно разликата изнесувала околу 30 долари. Со цена на Брент од околу 63 долари по барел, Венецуела сега добива приближно 48 долари, наспроти околу 33 долари за време на санкциите. За 50-те милиони барели опфатени со договорот, повисоката цена значи дополнителен приход од повеќе од 750 милиони долари.

Подготовки за извоз на мазут

Раководството на Vitol оваа недела ги информирало деловните партнери во Венецуела дека го анализира состојбата на терминалите на државната нафтена компанија PDVSA, со цел наскоро да започне утовар на мазут, изјавија два извора. Мазутот се користи во производството на електрична енергија и е еден од нуспроизводите на рафинериите.

Венецуела произведува мазут со висок процент на сулфур, кој претходно главно се продавал на азиските пазари. Според податоците за бродскиот сообраќај, Vitol испратил и пратка гориво кон Венецуела, која наскоро треба да пристигне. Таа вклучува и хидротретирана тешка нафта, потребна за разредување на екстра тешката домашна нафта со цел полесен транспорт.

PDVSA не одговорила на барањето на Reuters за коментар. До неодамна, Венецуела хидротретираната тешка нафта ја набавувала од Русија, но тие испораки биле прекинати во декември поради американска блокада.