Од партијата соопштуваат дека примената на овој систем отвора правни, уставни и социјални прашања, при што посочуваат дека тој во моментов се спроведува само во Скопје, Куманово и Тетово.
„Проект кој има за цел зголемување на јавната безбедност треба да се применува на целата територија на државата, а не делумно“, наведуваат од Алијансата за Албанците.
Во соопштението се укажува и на, како што велат, непочитување на Законот за употреба на јазиците, со образложение дека известувањата и санкциите кои произлегуваат од системот не се обезбедуваат рамноправно и на албански јазик.
Како дополнително прашање, од партијата го посочуваат и високиот износ на глобите, за кои бараат ревизија и прилагодување на прагот на толеранција.
„Безбедноста во сообраќајот е неопходна, но таа не треба да се обезбедува преку казни кои ја нарушуваат економската благосостојба на граѓаните“, соопштуваат од Алијансата.
Партијата ги критикува и пратениците од ВМРО-ДПМНЕ, ВЛЕН, ЗНАМ и Левица, кои гласаа за стапување во сила на казнените одредби од 1 февруари, наведувајќи дека тоа е направено без, како што велат, адресирање на уставните аспекти поврзани со законот.
Во образложението за најавената иницијатива, од Алијансата за Албанците го посочуваат и примерот со Законот за трето дете, кој Уставниот суд претходно го укина поради селективна примена, наведувајќи дека очекуваат Судот да постапи и во овој случај.