На рочиштето пред Крунскиот суд во Винчестер, Јанг призна 11 точки од обвинението за силување и уште 11 за давање супстанции со намера да ја онеспособи жртвата. Името на оштетената е објавено бидејќи таа се откажала од правото на анонимност.
Покрај тоа, Јанг призна 14 обвиненија за воајеризам од кои едно опфаќа најмалку 200 одделни дејствија, седум точки за сексуално злоставување со пенетрација, четири за сексуално злоставување и едно обвинение за објавување опсцени материјали во најмалку 500 наврати. Жртвата е наведена како оштетена по сите овие точки.
Обвинетиот, кој живее во Енфилд, не се изјасни за виновен по неколку други обвиненија поврзани со изработка и поседување недозволени и екстремни порнографски материјали. Делата, според обвинението, биле извршувани во периодот од 2010 до 2024 година.
Во истиот предмет, пред судот се појавија уште петмина мажи поврзани со наводни кривични дела против истата жртва. Тие се изјаснија дека не се виновни по обвиненијата што им се ставаат на товар, додека еден од обвинетите сè уште не дал изјава за вина. Јанг останува во притвор, а останатите обвинети се пуштени со кауција. Привремен датум за почеток на судењето е закажан за 5 октомври.
Главниот истражител, детектив-надзорникот Џеф Смит од Wiltshire Police, ја пофали „исклучителната храброст“ на жртвата.
„Денешното рочиште претставува значајна пресвртница, на која Филип Јанг призна десетици тешки сексуални кривични дела. Би сакал да ѝ оддадам признание на Џо за нејзината неверојатна храброст во текот на целиот процес“, изјави Смит, додавајќи дека жртвата и понатаму добива поддршка од специјално обучени службеници.
Филип Јанг е роден во јуни 1976 година во Енфилд, дипломирал на Универзитетот Вестминстер, а од 2007 до 2010 година бил советник од Конзервативната партија во општината Свиндон. По 2010 година извршувал раководни функции во повеќе компании, а последно бил главен оперативен директор во консултантската фирма „Прачедо“.