Градската организација на Левица во Скопје забележува дека месец јануари е веќе при крај, а Владата сѐ уште нема распишано тендер за набавка на нови автобуси, иако повеќе од една година ги најавува и им ги ветува на скопјани. Советничката група на Левица во Град Скопје потсетува дека премиерот Христијан Мицкоски „вети дека нови автобуси ќе има во октомври минатата година“. но, тоа не се случи бидејќи пропадна првиот тендер.
-Сега сѐ поизвесно е дека нови автобуси нема да има ниту во март, бидејќи нема нов тендер.
Изминативе три години советниците на ДПМНЕ, во Советот на Град Скопје, ја блокираа набавката на нови еко автобуси поради инает кон тогашната градоначалничка Арсовска со која се скараа после една година заедничко раководење со главниот град. Да не беше инаетот и суетата на советниците и раководството на ДПМНЕ до сега новите автобуси ќе возеа низ скопските улици, порачуваат од Левица- Скопје, додавајќи веќе е јасно дека „на ВМРО-ДПМНЕ не им е грижа за граѓаните“.
Министерството за транспорт и врски во јуни лани распиша тендер за набавка на 120 еколошки автобуси, од кои 80 треба да бидат за Скопје, а 40 да се распределат во другите градови. Но, тендерот пропадна затоа што единствената фирма која се пријавила не ги исполнувала потребните услови. Оттогаш поминаа шест месеци, а нов тендер не е распишан.