Словенечки европратеник побара од српските власти да престанат со нападите врз академската заедница

„Зборуваме за студенти, за професори, за постапки. Вчера добивме резиме од ректорот на Универзитетот во Белград: финансиски притисоци, политички притисоци, социјални притисоци, многу работи што не ги знаевме. Ова сигурно ќе биде дел од нашиот извештај што ќе стигне до Европскиот парламент“, најавил Пребилиќ

од Nikola Popovski
16 прегледи Фото: Фејсбук/Vladimir Prebilič

Европратеникот од Словенија, Владимир Пребилиќ, денес по разговорот со претставници на академската заедница во Нови Сад изјавил дека владата на Србија треба да ги „прекине нападите“ врз универзитетските професори.

По состанокот на Факултетот за природни науки и математика (ФМФ) на Универзитетот во Нови Сад, тој им изјавил на новинарите дека тој и неговите колеги знаеле што се случило во средата на Филозофскиот факултет дури и пред да пристигнат во Србија, но дека не биле свесни за димензиите на притисокот што го трпат членовите на академската заедница во цела Србија.

„Зборуваме за студенти, за професори, за постапки. Вчера добивме резиме од ректорот на Универзитетот во Белград (Владан Ѓокиќ): финансиски притисоци, политички притисоци, социјални притисоци, многу работи што не ги знаевме. Ова сигурно ќе биде дел од нашиот извештај што ќе стигне до Европскиот парламент“, најавил тој.

Пребилиќ порачал дека академската заедница не треба да се дели, бидејќи нема две страни, туку само една – страната каде што се демократијата и човековите права.

Тој оценил дека настаните на Филозофскиот факултет се „невиден случај на брутален третман на неистомислениците“.

„Во историјата, академската заедница отсекогаш била и ќе биде и во иднина најважната заедница што го поттикнува развојот на општеството и луѓето. Престанете со овие работи, слушнете ги нивните аргументи и усвојте ги што е можно поскоро, бидејќи тоа ќе биде добро за земјата и за луѓето во земјата“, кажал Пребилиќ.

Европратеникот ја започна својата посета на Нови Сад со оддавање почит на загинатите од падот на влезната настрешница на Железничката станица на 1 ноември 2024 година и разговарал со шест активисти обвинети за обид за соборување на уставниот поредок.

Делегацијата на ЕП е во Србија од четвртокот, а вчера се сретна со претставници и на српската Влада и на опозицијата во Домот на Народното собрание во Белград.