Белата куќа објави фотографија од претседателот Доналд Трамп, создадена со помош на вештачка интелигенција, со натпис „Прегрни го пингвинот“ додека наводно шета по снегот со пингвин кој го држи американското знаме, а на ридот во позадина е знамето на Гренланд, кое Трамп сака САД да го преземат.
На сликата објавена од Белата куќа, Трамп е додаден на сцена од филмот на Вернер Херцог „Encounters at the End of the World“ во кој е прикажана отпорноста на животот во екстремни услови на Јужниот пол.
Embrace the penguin. pic.twitter.com/kKlzwd3Rx7
— The White House (@WhiteHouse) January 23, 2026
Во бројни натписи за тоа низ светот и со иронични коментари на социјалните мрежи, се посочува дека пингвините не живеат на автономната данска територија на северот од Атлантскиот Океан, туку на спротивната страна од светот, на Јужниот пол и неговата околина.
„Пингвините не живеат на Гренланд. Но, незнаењето живее во Белата куќа“, напишал еден корисник на „X“. Друг додал: „Затоа Европејците сè уште се прашуваат дали образованието во САД е нелегално“.
Реагирајќи на објавата, Расмус Јарл, конзервативен пратеник од Данска, ја искористи саркастичната порака за да го исмее Трамп, пишувајќи: „Пораката од Белата куќа е јасна: Трамп му припаѓа на Гренланд исто колку и пингвините“.