Денеска напладне 370 товарни возила ќе ги блокираат сите гранични премини во државата. Запрен ќе биде товарниот сообраќај кон Европската унија и транзитот низ регионот. Ќе се пропуштаат само камиони со лекови, жива стока, експлозиви и муниција. Причина е новиот систем за влез и излез во земјите од Шенген зоната со што на камионџиите од Западен Балкан им се ограничува престојот. Планот е блокадите да траат седум дена, но подготвени се да ги запрат протестите, доколку ЕУ започне преговори за надминување на проблемот.
Превозниците неколку пати пратиле писмо до Европската Унија и бараат итно изземање од новите правила за професионалните возачи. Одговор, велат, сè уште нема.
Според правилата, државјани на трети земји без виза имаат право да останат во шенген-зоната вкупно 90 дена во кој било период од 180 дена. Сè што е надвор од ова мора да биде покриено со виза за долг престој или со дозвола издадена од земја членка.
Од Министерството за внатрешни работи информираат дека се преземени мерки за да се овозможи нормален проток на патничкиот сообраќај и да се избегнат поголеми гужви.
Освен македонските превозници, камионите на граничните премини ќе ги паркираат и транспортерите од Србија, Црна Гора и Босна и Херцеговина. Нема да има пречки за влез и излез на патничките автобуси и автомобили.