Стигна првиот предлог за зголемување на минималецот – сума за размислување или непристоен предлог?!

Ова е психолошка и економска граница која поголем број стабилни компании во државата можат да ја поднесат. Ние ова сума ја кажавме за да имаме појдовна точка, да имаме одреден исчекор напред. Бидејќи вака како што стојат работите тапкаме во место. Сепак, ќе треба малку посуштински да се договориме, изјави претседателот на Конфедерацијата, Миле Бошков за „Локално“

од Vladimir Zorba
307 прегледи Фото: Локално

Предлогот на Бизнис – конфедерација на Македонија минималната плата да се зголеми на 28.500 денари, остана само на хартија. И покрај тоа што овој минималец е помал од оној што го бара Сојузот на синдикати на Македонија, сепак е прв предлог досега кој дошол од работадавачите и некаква „иницијална каписла“ за почеток на преговори. Во услови кога земјите во регионот ги зголемуваат минималните плати и речиси секаде истата ја надмина психолошката граница од 500 евра, предлогот за зголемување на минималецот на 463 евра е прв чекор во борбата за зголемување на платите.

-Ова е психолошка и економска граница која поголем број стабилни компании во државата можат да ја поднесат. Ние ова сума ја кажавме за да имаме појдовна точка, да имаме одреден исчекор напред. Бидејќи вака како што стојат работите тапкаме во место. Сепак, ќе треба малку посуштински да се договориме, изјави претседателот на Конфедерацијата, Миле Бошков за „Локално“.

Миле Бошков; Фото: Фејсбук/Официјален профил

Тој вели дека мора да се води сметка и за занаетчиите и самостојните вршители на дејност кој и со оваа минимална плата имаат проблем со ликвидноста.

-Кај занаетчиите и самостојните вршители на дејност кои во исто време се и работодавачи и работници зголемувањето на минималната плата ќе биде голем трошок. Поради зголемените давачки за плати и придонеси многу занаетчии нема да можат да го издржат финансискиот товар и ќе стават клуч на врата, вели Бошков.

Поради тоа, вели дека мора да бидеме внимателни при покачување на платите, особено кога говориме за зголемување на минималецот во бројки.

Од Сојузот на синдикати на Македонија пак остануваат на ставот дека бараат зголемување на минималецот на 600 евра, но велат дека секој предлог е вреден за размислување.

Љупчо Радески; Фото: Јутјуб/ЗМАИ

-Ние бараме минималецот да се зголеми на 600 евра, но секој предлог кој ќе дојде од страна на работодавачите е вреден за размислување. Барањето е 600 евра, но може да се најдеме некаде помеѓу 500 и 600 евра. Но, прво треба да седнеме на маса и да почнеме да се договараме. Засега остануваме на нашето барање, но за понатаму ќе видиме можно е да се договориме за некое алтернативно решение. Точно дека има многу гранки кои не можат да поднесат такво зголемување, како текстилната, кожарската и дел од градежната индустрија, но затоа тука треба да излезе во пресрет државата, изјави за „Локално“, Љупчо Радeски од ССМ.

Од ССМ велат дека државата не треба да се дистанцира од решавање на овој проблем, туку активно да се вклучи во социјалниот дијалог со нивен предлог како да се зголеми минималецот, а целиот товар да не падне на грбот на компаниите. Еден од предлозите кој претходно стигна од работодавачите беше тие да ги зголемат платите, а државата да не бара зголемување на придонесите, односно да не се плаќаат придонеси на делот од  зголемувањето на минималецот.

ССМ во среда на 28 јануари излегува на протест, а една од главните барања е токму зголемувањето на минималецот. Ќе видиме дали на крајот ќе падне договор за сума која нема да биде доволна само за преживување, туку и за пристоен живот.

Б.С.