Александар Наунов, татко на загинатата Надица во трагедијата во кочанската дискотека „Пулс“, денеска од пред судницата во КПУ „Идризово“ порача дека родителите се свесни и го почитуваат значењето на адвокатурата во остварувањето на правдата. Наунов нагласи дека на транспарентите кои ги носеа родителите и блиските на загинатите, на 36. „Марш за ангелите“, во саботата во Кочани, се препознале многу други лица кои, вели, имаа физичка сличност со ликот, но никој од нив не реагираше и “никој не ја доживеа пораката како напад”.
– Кога јавно зборувате за сочувство и емпатија, кои досега сте ги имале кон нас, родителите, мораме да ве потсетиме на вашите сопствени зборови, изговорени пред луѓе кои ги изгубија своите деца. На судењето рековте, цитираме буквално, дека обвинетиот требало да одговара за небрежност, а не за тешки дела, дека немал свест за врските. И најболната реченица која ја упативте беше: „Тоа е монструм, а за мене е обичен човек.“ Тоа ни го кажавте лично пред нас, родителите, кои ги погребаа своите деца. Тоа не е емпатија, тоа е суровост, изјави Наунов.
Изјавата на адвокатката Ивана Коцевска, Наунов ја оцени како “чиста небулоза”, порачувајќи дека на угледот на правната заедница не му штетат родителите кои бараат вистинска правда и одговорност што им следува.
Имено, родители и блиски на загинатите во пожарот на протестот во саботата носеа транспаренти на кои адвокатката беше прикажана како со куфери со пари е во светот на покојните, а до неа стои митска персонификација на ѓавол или ангел на смртта, кој според написот на транспарентот ѝ вели: „Пари овде не ти се потребни“.
Во саботата по одржувањето на Маршот, адвокатата се јави со реакција во која наведе дека роднините на загинатите организирале штрајк во кој нејзиниот „лик е злоупотребен и фотошопиран во небулозна форма која не само мојот, туку го нарушува угледот на секој еден адвокат“. Таа апелираше сите надлежни органи да реагираат во насока на заштита на адвокатската професионална должност.
„Во својство на бранител на дел од обвинетите во кривичниот предмет за трагичниот настан во Кочани, досега се воздржував од секакви напади во име на емпатичноста и сочувството со болката на родителите на починатите. Меѓутоа, откако јавно се изложи револт за мојата покрената кривична постапка за вандализмот што се случи на 17.03.2025год од одредени НН лица кои родителите ги оправдуваат, а согласно законот се подложни на одговорност, повеќе немам простор да се воздржувам. Имено, родителите си дозволија да организираат штрајк во кој мојот лик е злоупотребен и фотошопиран во небулозна форма која не само мојот, туку го нарушува угледот на секој еден адвокат и за ова треба и апелирам да реагираат сите надлежни органи на РМ во заштита на нашата професионална должност пред се, а потоа и во насока на заштита на нашиот интегритет и достоинство како носители на правната заштита и владеење на правото“, стои во реакцијата на адвокатката Коцевска од саботата.