Сведок на трагедијата во „Пулс“: И претходно имаше шоу со оган и прскалки

„Пред излезот веќе настана стампедо и се чувствуваше мирис на чад. До скалите успеав да останам на нозе сè додека еден пред мене не се сопна и сите се струполивме“, кажа сведокот

од Nikola Popovski
13 прегледи Фото: Принтскрин/Јутјуб/МИА

Со искази на сведоци на Обвинителството во судницата во Идризово продолжи судскиот процес за пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани, во кој загинаа 63 лица а повеќе од 200 беа повредени. На клупата на сведоци беа роднини на загинатите и лица кои биле присутни критичната ноќ. Сведокот Иван Данаилов, кој вечерта на 16 март 2025 година бил на роденден во дискотеката „Пулс“, рече дека често ја посетувал посочувајќи дека има 25 години, а првпат влегол на 16 години како малолетник.

На прашање од Обвинителството дали во дискотеката имало и други малолетници, сведокот рече дека често не бил единствен малолетник појаснувајќи дека во текот на годините, како и на кобната вечер, гледал малолетници во дискотеката.

Критичната вечер сведокот рече дека купил билет на вратата од обезбедувањето, а на прашање од обвинителот како знаел дека се обезбедување, рече дека ги знаеле зашто секогаш биле присутни и ангажирани во дискотеката. Сведокот, опишувајќи ја внатрешноста на дискотеката, рече дека знаел оти има и втора врата, но дека никогаш не видел како се користи, ниту дека забележал ознаки за излез.

Вечерта, како што рече, сè си течело нормално, иако дискотеката била полна и движењето меѓу масите било отежнато. Рече дека бил свртен со грб кон бината и не го видел моментот на пожарот, но и дека претходно гледал настапи и шоу со оган и прскалки во дискотеката.

-Пожарот настана во 2.33 часот. Најпрвин не го забележавме зашто беше директно над нашите глави. Потоа од бендот кажаа дека настанал пожар и побараа помош од сопственикот да донесе ПП-апарат и го стопираа настапот. На излегување се разминав со Михајло, кој носеше ПП-апарат, а мислам дека некој веќе од бината гаснеше со ПП-апарат. Пред излезот веќе настана стампедо и се чувствуваше мирис на чад. До скалите успеав да останам на нозе сè додека еден пред мене не се сопна и сите се струполивме, кажа сведокот.

На вкрстено прашање на одбраната на директорот на „Рубикон”, Јане Јанчевски, дека и како малолетник успевал да влезе во дискотеката, сведокот појасни дека никогаш не влегувал скришно, туку поминувал покрај обезбедувањето, но не му била побарана лична карта.

-Како малолетник никогаш не сум бил идентификуван во дискотеката при полициска контрола, ниту сум забележал дека контролираат малолетни – рече сведокот.