Мета, ТикТок и Јутјуб ќе се соочат со судење во Калифорнија оваа недела поради обвинувања дека нивните платформи поттикнуваат криза во менталното здравје кај младите луѓе, објави денес Ројтерс, цитирајќи 19-годишно девојче кое тврди дека апликациите ѝ ја поттикнале депресијата и самоубиствените мисли.
Девојката, идентификувана како К.Г.М., тврди дека станала зависна од платформите на компаниите на млада возраст поради нивните атрактивни дизајни.
Тужбата е прва од неколкуте случаи што се очекува да одат на суд оваа година во она што обвинителите го нарекуваат „зависност од социјалните медиуми“ кај децата.
Судењето во Лос Анџелес ќе биде првпат технолошките гиганти да мора да се бранат од обвинувањата дека нивните производи предизвикуваат штета, а поротата ќе одлучи дали компаниите биле небрежни во создавањето производи што наштетиле на менталното здравје на К.Г.М. и дали користењето на нејзината апликација било значаен фактор за нејзината депресија, во споредба со други причини или аспекти од нејзиниот офлајн живот.
Британската агенција наведува дека се очекува извршниот директор на Фејсбук, Марк Закерберг, и извршниот директор на Снеп, Еван Шпигел, да сведочат на судењето, додека Јутјуб вели дека нивните претставници не треба да бидат „во истата судница“ бидејќи тие се фундаментално различни платформи од Инстаграм или ТикТок.