Како можни решенија, ПКС предлага воведување посебна виза или дозвола за професионални возачи што би важела за целата Шенген-зона, зголемување на дозволениот број денови на престој, или привремено изземање на возачите од системот EES сè додека не се постигне трајно решение.
Претседателот на ПКС, Марко Чадеж, испратил итно писмо до Еврокомората, која обединува 40 национални стопански комори и застапува над 20 милиони компании, како и до Форумот на јадранско-јонските комори и коморите на земјите со кои Србија има најинтензивна трговска и инвестициска соработка. Во писмото се повикува на заедничко и координирано дејствување кон институциите на Европската Унија.
Според ПКС, правилото за престој 90 дена во кој било период од 180 дена сериозно го ограничува работниот ангажман на професионалните возачи и има значајно негативно влијание врз функционирањето на транспортниот сектор, стабилноста на логистичките ланци и навременото снабдување на европскиот пазар.
Коморите од Западен Балкан потсетуваат дека повеќе од 60 проценти од вкупната трговска размена на регионот се одвива со Европската Унија, поради што доцнењата и ограничувањата во транспортот директно ги загрозуваат деловните односи и одржливоста на договорите, и за компаниите од регионот и за фирмите од земјите членки на ЕУ.
Во соопштението се наведува дека решенијата што претходно ги предлагала Европска комисија – како дозволи за престој или статус на прекугранични работници не се применливи во практиката на меѓународниот патен транспорт.
На иницијатива на ПКС, сите шест стопански комори од Западен Балкан заеднички потпишале апел, кој преку Коморскиот инвестициски форум е доставен до Советот на ЕУ, Европската комисија, надлежните европски комесари, како и до постојаниот претставник на Кипар во Брисел, земја што претседава со Советот на ЕУ.
ПКС нагласува дека подолг период предупредува на негативните ефекти од примената на правилото 90/180 врз меѓународниот патен транспорт и дека ќе продолжи со активна координација со владите, институциите и транспортните компании, со цел да се спречат сериозни последици по економијата и синџирите на снабдување во Европа.