Двете страни го оценија договорот како историски, во време кога нивните односи со Соединети Американски Држави се соочуваат со нови предизвици.
Договорот отвора пат за слободна размена на стоки меѓу блокот од 27 европски земји и Индија, кои заедно сочинуваат околу една четвртина од глобалниот БДП и пазар од речиси две милијарди потрошувачи.
„Ова ќе биде избалансиран и кон иднината насочен договор за подобра економска интеграција со ЕУ. Тој ќе ја забрза трговијата и инвестициите меѓу двете страни“, изјави индискиот министер за трговија Раџеш Агравал.
Вкупната трговска размена меѓу ЕУ и Индија во фискалната година што заврши во март 2025 година изнесувала 136,5 милијарди американски долари.
Според индиски владин претставник запознаен со процесот, договорот ќе биде формално потпишан по правната проверка, која се очекува да трае меѓу пет и шест месеци, а неговата примена би можела да започне во рок од една година.
Финализирањето на овој договор доаѓа само неколку дена по клучниот трговски пакт што ЕУ го склучи со јужноамериканскиот блок Меркосур, како и по неодамнешните договори со Индонезија, Мексико и Швајцарија. Во истиот период, Њу Делхи постигна трговски договори и со Велика Британија, Нов Зеланд и Оман.
Овој бран договори ја нагласува намерата на многу земји да ги диверзифицираат трговските партнери и да се заштитат од трговските тензии со САД, особено по најавите и заканите со царини од страна на американскиот претседател Доналд Трамп.
По речиси две децении преговори со прекини, Индија со овој договор ќе го отвори пазарот во светот за слободна трговија со ЕУ, својот најголем трговски партнер. Забрзувањето на преговорите беше договорено минатата година по средбата меѓу индискиот премиер Нарендра Моди и претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен.
Меѓу најчувствителните точки во преговорите беа автомобилската индустрија и трговијата со челик. Според информациите, Индија се согласила да ги намали царините за увоз на автомобили од ЕУ на околу 40 проценти, додека дел од земјоделските производи останале надвор од договорот, со цел да се заштитат милионите индиски земјоделци.