Франција го блокира планот на ЕУ за Украина: „Не“ за купување британски ракети со европски пари

Франција се спротивстави на иницијативата во рамки на Европска унија со која на Украина би ѝ се олеснило купувањето на британски крстосувачки ракети Storm Shadow, користејќи дел од големиот европски заем наменет за зајакнување на украинските одбранбени капацитети, објави британскиот весник The Telegraph.

од desk4
16 прегледи Фото: Принтскрин

Спорот се однесува на начинот на користење на заемот вреден 90 милијарди евра, кој Европската унија планира да го искористи за јакнење на украинската одбрана. Коалиција од 11 земји членки на ЕУ предложила ублажување на правилата за Украина да може да користи дел од средствата и за набавка на оружје произведено надвор од Унијата, вклучително и од Обединетото Кралство. Франција, пак, инсистира средствата да се трошат исклучиво во рамки на ЕУ, со цел јакнење на европската одбранбена индустрија.

Според актуелниот план, две третини од заемот се наменети за набавка на оружје за украинските вооружени сили, при што приоритет имаат европските и украинските производители, а дури потоа купување од земји надвор од Унијата.

Украински одбранбени претставници проценуваат дека на Киев годинава ќе му бидат потребни околу 24 милијарди евра воена опрема од земји надвор од ЕУ. Најголемиот дел од тие средства се однесуваат на американските системи за противвоздушна одбрана Patriot и пресретнувачите PAC-3, но како сериозен проблем се посочува и недостигот од ракети со долг дострел, кои европските земји во моментов не можат да ги обезбедат во доволни количини.

Токму поради тоа, дел од европските функционери го идентификуваат британскиот Storm Shadow како едно од клучните решенија за пополнување на овој јаз. Станува збор за крстосувачка ракета со долг дострел, наменета за уништување утврдени и подземни цели, која веќе е во оперативна употреба кај украинските сили.

Според дипломатски извори, Франција е „јасен противник“ на ваквиот пристап. Париз ја предводи стратегијата за стратешка автономија на ЕУ, со цел Унијата да стане помалку зависна од сојузници надвор од Европа, пред сè од Соединети Американски Држави. Овој став дополнително е зацврстен по политичките тензии со американскиот претседател Доналд Трамп, особено по неговите изјави поврзани со Гренланд и трговските царини.

Француските власти сметаат дека средствата наменети за Украина треба првенствено да придонесат за развој на европската одбранбена индустрија, дури и ако тоа значи побавно или поограничено исполнување на итните одбранбени потреби на Киев. Таквиот став предизвика незадоволство кај дел од земјите членки, кои предупредуваат дека инсистирањето на индустриска политика може сериозно да ја ограничи способноста на Украина да се брани од интензивните руски воздушни напади.

Според предложениот модел, набавката на оружје би се одвивала низ систем од четири нивоа. Прво би се проверувало дали украинската одбранбена индустрија може да ги исполни потребите, потоа би се барале решенија во рамки на ЕУ, третото ниво би го вклучувало Обединетото Кралство, а САД би биле последна опција. Земјите кои го поддржуваат ублажувањето на правилата настојуваат да се олесни пристапот до третото ниво, со што на Лондон би му се дала поголема улога, а во иднина би можеле да бидат вклучени и Канада и други партнери со одбранбени договори со Брисел.

Иницијативата ја предводат балтичките и скандинавските земји, заедно со Полска, Романија, Чешка и Холандија. Уште осум држави, меѓу кои и Германија, изразиле поддршка за пофлексибилен пристап кон Обединетото Кралство, иако засега формално не се приклучиле кон коалицијата.

Британските дипломати веќе водат разговори со земјите поддржувачи, но се охрабруваат да ги интензивираат контактите со Европска комисија и Европски парламент, каде Франција има значително влијание во телата задолжени за безбедност и одбрана.