Генералниот секретар на СДСМ, Александар Саша Димитријевиќ информира дека Антикорупцискиот тим на СДСМ открил нова бомба и нов скандал за пирамидална мрежа на тендери и фирми кои, како што вели, водат директно до кабинетот на премиерот Христијан Мицкоски и неговиот шеф, Владимир Нелоски.
„Оливера Доновска, сопругата на газдата на Пирамид билдинг солушнс, Петар Доновски, е сопственичка и управителка и на трговската фирма со облека ТРГО СТРОЈ ДОО Скопје, основана 2019 година. По доаѓањето на власт на ВМРО, или точно на 11.04.2025 година, како содружник во фирмата ѝ се приклучува Јовица Нелоски. Кој е Јовица Нелоски? Татко на Владимир Нелоски, шеф на кабинетот на премиерот Христијан Мицкоски. Дали сега е јасно“, истакна Димитријевиќ на прес-конференција.
Според генсекот на СДСМ, во ВМРО-ДПМНЕ секој функционер или негов роднина има фирма, а, додава, како што покажавме имаат и тендери.
„161 тендер за една фирма, 51 тендер за фирма преку општини, 9 милиони евра за двајца вработени, 1,2 милиони евра за фирма блиска до ЗНАМ преку Пошта. Нема пари за поголема минимална плата, нема пари за плати, за пензии, има пари само за тендери.
Тендер на овој, тендер на оној, фирма на еден роднина, фирма на друг роднина.
Ова е уште еден доказ, дека тендерските шеми и фамилијарните фирми освен што се партиски и фамилијарно поврзани, водат директно и до кабинетот на Мицкоски“, кажа Димитријевиќ на прес-конференција.