Брутална партизација на КСЗД – кандидатката уште неизбрана јавно му се заблагодари на Меџити, обвинија од партијата на Апасиев

Левица: „ВМРО-ДПМНЕ и ВЛЕН ја партизираат Антидискриминаторската комисија со нестручни кадри“

од Nikola Popovski
217 прегледи Фото: Левица

Левица соопшти дека на утрешната пленарна седница, при гласањето за составот на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација, нејзината пратеничка група ќе гласа против предлогот поради, како што велат, бруталната партизација на оваа институција и полнење со нестручни кадри преку кандидатурата на Џихан Ахмед, кадар предложен од ВЛЕН и одобрен од ВМРО-ДПМНЕ.

Станува збор за кандидат кој не ги исполнува законските услови за избор – нема минимум седум години работно искуство во областа на човековите права, нема релевантно искуство, а на јавната расправа демонстрираше елементарно непознавање дури ни на надлежностите на самата Комисија, како и на основни меѓународни документи како Истанбулската конвенција, иако магистерските студии ги завршила во насоката за меѓународно право и односи. И покрај ова, владејачкото мнозинство свесно турка партиски активист како член на тело кое мора да биде стручно, независно и кредибилно, бидејќи од неговите одлуки зависи статусот на најранливите категории граѓани.

Дополнително брутално исмејување во очите на јавноста е и тоа што кандидатката, иако треба да приложи изјава дека не е носител на партиски функции (чија цел е осигурување на непристрасноста), таа уште официјално неизбрана, јавно му се заблагодари за поддршката на лидерот на ВРЕДИ – Изет Меџити!

Со ваквото однесување, уште пред формално да биде избрана, таа самата ја урнисува секоја илузија за независност и непристрасност и јасно демонстрира дека не доаѓа во Комисијата како заштитник на човековите права, туку како партиски пратеник на коалициските договори меѓу ДПМНЕ и ВРЕДИ. Ова е класичен пример за институционално заробување – орган кој треба да биде коректив на власта и заштитник на дискриминираните, се претвора во партиска испостава, пополнета со лојални, а не со компетентни кадри. Наместо експерти со докажано искуство, се инсталираат политички послушници без основно познавање на материјата, со што директно се загрозува правната сигурност и заштитата на граѓаните.

Одговорноста за оваа брутална деградација на Комисијата ја сноси ДПМНЕ, која со гласањето ја легитимира и спроведува оваа партиска поделба на независните институции, продолжувајќи ја праксата на клиентелизам, непотизам и политичка контрола врз телата кои треба да бидат автономни“, порачуваат од Левица.

Мрежата за заштита од дискриминација исто така вчера остро реагираше на предлогот кандидатката Ахмед да биде член на КСЗД и бара од Собранието да не ја именува, бидејќи таа не ги исполнува законските услови. Се додава дека по претставувањето на кандидатите, присутните имале можност да постават прашања на кандидатите.

„На кандидатката ѝ беа поставени две прашања од страна на здруженија на граѓани кои работат на човекови права и недискриминација. Со оглед на тоа што кандидатката е професор и работи во образовниот сектор, ѝ беше поставено прашањето како ќе ги искоментира последните измени во одредбите за недискриминација во законите за образование, кои Европската комисија ги оцени како спротивни на меѓународните стандарди за правата на човекот. Видно од видеото, кандидатката воопшто не знаеше за кои измени станува збор и дека Комисијата за спречување и заштита од дискриминација, во која таа аспирира да биде член, имаше реакција за таквите законски измени“, соопштија, меѓу другото, од Мрежата за заштита.

Мрежата за заштита од дискриминација остро реагира на предлогот Џихан Ахмед да биде член на КСЗД и бара од Собранието да не ја именува