„Случајно таткото на Нелоски има фирма и случајно се поврзува со тендерските мрежи?“, прашуваат од СДСМ

„Очигледно Нелоски и ВМРО ги сметаат граѓаните за наивни и сакаат да си поигруваат со нивната интелигенција“, соопштија од опозициската партија

од Nikola Popovski
22 прегледи Фото: Фејсбук/Владимир Нелоски

СДСМ реагираше на објавата на шефот на кабинетот на премиерот, Владимир Нелоски за фирмата на неговиот татко. Од партијата поставија неколку прашања до Нелоски.

„Шефот на кабинет на Мицкоски, Владимир Нелоски, потврди сè што објави СДСМ, но тоа го правда со „има право да работи“ и дека фирмата на неговиот татко „не учествува во државни тендери“.

Но, што сака да каже Нелоски, дека случајно неговиот татко има фирма? Дека е случајно што таа фирма е поврзана со сопругата на сопственикот на Пирамид билдиг солушн (Оливера Доновска) која има 51 тендер од општините на ВМРО? Дека е исто така случајно што Доновска е поврзана и со фирма на Филип Гулевски, кој пак со друга фирма добил тендер од Министерството за спорт од 1,1 милиони евра?

Сè е ова случајно? Случајно се сите поврзани фамилијарно и со бизниси. Очигледно Нелоски и ВМРО ги сметаат граѓаните за наивни и сакаат да ги поигруваат со нивната интелигенција“, прашуваат од „Бихаќка“.

Претходно шефот на кабинетот на премиерот Христијан Мицкоски, преку објава на социјални мрежи потврдува дека неговиот татко е дел од споменатата приватна фирма, но посочува дека таа не учествува на државни тендери, ниту има добиено тендер и оти на никаков начин не може да носи одлуки за државните. Тој го повика СДСМ тврдењата на прес-конференциите да ги изнесува во потврдна, а не во прашална форма за да може, како што вели, да поведе соодветна тужбена постапка за клевета пред надлежните органи.

Нелоски: Мојот татко е дел од спомената приватна фирма која не учествува на државни тендери ниту има добиено тендери

Опозицискиот СДСМ изминатиот период на неколку прес-конференции објави сознанија на нивниот антикорупциски тим, во кои во фокусот е фирмата „Пирамид билдинг солушнс“. Оваа фирма, според наводите добила 51 тендер во вредност од 16 милиони евра во општини кои се водени од кадри на владејачката ВМРО-ДПМНЕ.