Поради излевањето на реката Тркања кај селата Сачево и Муртино, поплавени се земјоделски површини, пластеници и дворови на куќи во селото Муртино. Иако водостојот на реките Струмица и Тркања бележи опаѓање, на поединечни локации сè уште има заезерување. На терен интервенира механизација со цел санирање на критичните точки. Пријавено е и дека надојдените води кај месноста Шепово однеле 120 овци и 100 јагниња, се вели во соопштението на ЦУК.
Оттаму информираат дека во Штипскиот регион, врнежите предизвикаа зачестени одрони и свлечишта на неколку патни правци, поради што надлежните служби континуирано интервенираат за одржување на проодноста. Во Штип е срушен потпорен ѕид на улицата „Љубен Иванов“, при што се оштетени две паркирани возила и е блокирана една сообраќајна лента.
Во останатите региони состојбата е главно стабилна. Нивото на реките е зголемено, но засега се во рамките на коритата и нема опасност од излевање. Во делови од општина Кавадарци има врнежи од снег, а на одредени патни правци регистрирани се одрони, но сите патишта се проодни, заклучуваат од Центар за управување со кризи.