Продолжува блокадата на камионите на границите со ЕУ, штетата достигнува 100 милиони евра дневно

Продолжува блокадата на камионите на граничните премини со Европска Унија, втор ден по ред, а штетата што ја предизвикува протестот веќе се проценува на околу 100 милиони евра дневно.

од desk4
15 прегледи Фото: Принтскрин

Камионски возачи од Босна и Херцеговина, Србија, Црна Гора и Северна Македонија ги блокираат граничните премини во знак на протест против новиот систем за влез и излез во ЕУ (Entry/Exit System – EES), кој го ограничува престојот на професионалните возачи на 90 дена во период од шест месеци.

Превозниците велат дека со овој систем се третираат како туристи, а не како професионални возачи, што, според нив, сериозно го загрозува нивното работење и функционирањето на транспортниот сектор.

Претседателот на Здружението на товарни превозници на Република Српска, Игор Бебен, изјави дека блокадата на товарниот сообраќај е единствениот начин да се укаже на, како што рече, неодржливиот режим.

„Ова правило за нас е неизводливо, а ЕУ нè третира како туристи наместо како професионалци“, изјави Бебен, додавајќи дека штетата за превозниците и економијата е огромна и тешко надоместлива.

Министерот за транспорт и врски на Босна и Херцеговина, Един Форто, упатил иницијатива до Владата на Хрватска со цел да се најде решение за евидентирање на професионалните возачи во Шенген-зона и да се укинат ограничувањата за нивниот престој.

„Нашата иницијатива предвидува привремен модел со кој лиценцираните професионални возачи ќе можат да ја извршуваат својата работа без ограничувања на престојот“, изјави Форто.

Возачите најавуваат дека блокадите ќе продолжат сè додека нивните барања не бидат исполнети, а организаторите предупредуваат дека продолжувањето на протестите може сериозно да ги загрози снабдувачките ланци и економиите на сите засегнати земји.