„Знаењето е моќ“: Студенти и средношколци на протест пред Ректоратот во Белград

Илјадници студенти и граѓани вечерва се собраа на Студентскиот плоштад во Белград, пред зградата на Ректоратот на Белградскиот универзитет, на протестниот собир под мотото „Знаењето е моќ“.

од desk4
8 прегледи

Собирот беше организиран од студентите во блокада, по повод училишната слава Савиндан.

Пред Ректоратот беше поставена бина и видео-бим, а поради големиот број присутни уште еден видео-бим со озвучување беше поставен и во Васината улица, за да можат и оние што не можеа да се приближат да ги следат говорите. Според агенцијата Бета, граѓаните и понатаму пристигнуваа на протестот.

Студентите на Правниот факултет, Архитектонскиот факултет и Факултетот за политички науки најавија бојкот на наставата, во знак на поддршка на колегите и наставниците од Филозофскиот факултет при Универзитетот во Нови Сад, кои бараат на работа да се врати отпуштената професорка Јелена Клеут. Студентите на Филозофскиот факултет во Белград, пак, ги повикаа своите професори, асистенти и соработници да се приклучат на бојкотот на наставата од денес до крајот на неделата.

Демонстрантите до Ректоратот пристигнаа организирано, во колони од повеќе локации во градот, од Вождовац до Нов Белград. Една од колоните тргна од Правниот факултет и се движеше по Булеварот крал Александар, покрај Собранието и преку Плоштадот на Републиката, носејќи транспарент со пораката „Во знаењето е моќ“.

Присутните носеа знамиња на факултетите од кои доаѓаат, како и икони со ликот на Свети Сава, а за време на маршот извикуваа слогани и правеа врева со свирчиња. Сообраќајната полиција го регулираше и запираше сообраќајот по трасата на движење на демонстрантите, додека бројни возачи ги поздравуваа со свирење.

Првиот говор на собирот го одржа потпретседателката на Форумот на белградските гимназии, Катарина Шќепановиќ, која порача дека образованието не смее да биде предмет на продажба и дека мора да остане основно човеково право достапно за сите.

По завршувањето на говорите пред Ректоратот, беше најавена протестна прошетка до Храмот на Свети Сава, преку улицата Крал Милан и плоштадот Славија.