Македонски Телеком ги отфрла обвинувањата и очекува почитување на владеењето на правото

Македонски Телеком јавно ги демантира, како што наведува, невистинитите и неаргументирани обвинувања што во изминатиот период се појавија во јавноста, а се поврзани со постапка што се води пред надлежните институции и произлегува од судскиот предмет помеѓу компанијата и Фокуснет.

од desk4
43 прегледи Фото: Локално

Од компанијата посочуваат дека, иако постапката е тајна согласно Законот за Судски совет, во јавноста биле изнесени нецелосни и неточни информации од страна на суспендираната судијка Наташа Савовска Димитровска и нејзиниот полномошник, со што, како што велат, јавноста се доведува во заблуда. Поради тајноста на постапката и законските ограничувања, Македонски Телеком информира дека не е во можност да ја објави целосната одлука на Републичкиот судски совет, која, како што наведуваат, на 73 страници ги аргументира причините за разрешување и суспензија.

Во интерес на точно и фактичко информирање, од компанијата појаснуваат дека станува збор за судски спор стар речиси две децении, кој Македонски Телеком го води со Фокуснет, поради наводна штета што, според тужбата, била нанесена на оваа компанија.

Фокуснет, според соопштението, е компанија со блокирана сметка повеќе од 20 години, но и покрај тоа побарува милионски суми на име наводна штета за бизнис кој, како што тврди Македонски Телеком, е непостоечки. Првостепениот суд го одбил тужбеното барање на Фокуснет и утврдил дека не постои основ за наплата на штета.

Во второстепената постапка, по жалба на Фокуснет, Апелациониот суд во Скопје, без одржување јавна расправа и непосредно пред судската ферија, ја преиначил првостепената пресуда и донел одлука со која Македонски Телеком се задолжува да исплати отштета од речиси четири милиони евра.

Македонски Телеком, користејќи ги законски расположливите средства, поднел барање до Републичкиот судски совет поради сомневања за незаконско водење на второстепената постапка. Во јавно објавените информации од Извештајот на Комисијата за утврдување на факти при Судскиот совет од август 2024 година, како што се наведува, утврдени се сериозни индиции за постоење на два записници, поради што Судскиот совет го алармирал Јавното обвинителство.

Дополнително, истата комисија во август 2024 година констатирала дека во жалбениот предмет биле пронајдени доверливи интерни документи на Македонски Телеком, кои не биле изведени како докази ниту во првостепена, ниту во второстепена постапка, ниту пак биле јавно достапни.

Според Македонски Телеком, на ваков незаконски начин Апелациониот суд Скопје ја преиначил одлуката на првостепениот суд и на компанија со блокирани сметки повеќе од 23 години и без вработени ѝ досудил отштета од речиси четири милиони евра.

Од компанијата изразуваат уверување дека надлежните институции ќе постапат согласно закон и дека принципите на владеење на правото ќе бидат целосно применети.