Белгиски министер: 558 пријави за сомнителни дронови, сомнежите насочени кон Русија

Белгискиот Национален кризен центар (NCCN) примил вкупно 558 пријави за сомнителни беспилотни летала во периодот од септември 2025 до 21 јануари 2026 година, изјави денес министерот за внатрешни работи на Белгија, Бернар Квентен, пренесува Анадолу.

од desk4
9 прегледи Фото: Принтскрин

Говорејќи пред надлежен парламентарен одбор, Квентен посочи дека првите забележани летови на дронови биле пријавени на 4 ноември минатата година, јави новинската агенција Белга. Инцидентите продолжиле и во наредните денови, поради што воздушниот сообраќај на аеродромите во Брисел (Завентем) и Лиеж бил прекинат вкупно девет пати.

Најголем број прекини биле регистрирани во ноември, кога воздушниот сообраќај бил запрен седум пати, додека уште два прекина биле евидентирани во декември.

Од вкупниот број пријави, 130 се однесувале на летови на дронови над воени зони, а 66 над нуклеарни објекти. Останатите случаи биле регистрирани над аеродроми и индустриски постројки класифицирани како Seveso-локации, наведе министерот.

Квентен додаде дека, иако вкупниот број на пријави можеби е преценет, можно е дел од летовите воопшто да не биле пријавени.

Тој истакна дека врвот на инцидентите бил забележан во ноември и дека NCCN одржал состанок на 6 ноември, но не била активирана ниту предузбуна, ниту целосна узбуна согласно Националниот план за вонредни состојби.

„Проценката на безбедносните служби беше дека не постои непосредна опасност за граѓаните или инфраструктурата, туку дека станува збор за дејствија на заплашување и попречување, веројатно поврзани со државен актер, во овој случај Русија“, изјави Квентен.