СДСМ соопшти дека го поддржува протестот на работниците и Сојузот на синдикатите во борбата за достоинствени плати и зголемување на минималната плата. Велат го разбираме револтот и незадоволството кај работниците и целосно ги поддржуваме нивните барања, за зголемување на минималната плата на 600 евра и за зголемување на платите за 100 евра во останатите сектори.
-Граѓаните, работниците живеат тешко, инфлацијата и покачените цени го јадат стандардот на работниците, сиромаштијата расте а платите стојат во место.
Владата на Мицкоски нема пари за зголемување на минималната плата, пари има само за тендери. 161 тендер за една фирма, 51 тендер преку општините за друга фирма, 9 милиони евра за тендери со двајца вработени, 1,2 милиони евра за тендери преку Пошта…
За време на владеењето СДСМ парите завршуваа кај граѓаните, ја зголемивме минималната плата од 8.000 денари на над 20.000 денари а просечната плата од 22.000 денари на над 42.000 денари, порачуваат од „Бихаќка“.
И како опозиција, додаваат од партијата, СДСМ стои зад работниците. Потсетуваат дека СДСМ предлагаше Закон за покачување на минималната плата но власта го одби.
Поднесовме законски решенија и амандмани во Собранието за покачување на платите во различни сектори, но власта и тоа го одби, стои во партискиот став.
Денес од 17 часот, Сојузот на синдикати на Македонија излегува на протест. Барањата познати, минимална плата од 600 евра, зголемување на сите други плати по сто евра, достоинствен живот на работниците. Од ССМ со став, додека соседните држави од јануари ја зголемија минималната плата на над 500 евра, во Македонија таа останува на 396 €. Оттаму велат дека незадоволството расте и затоа работниците излегуваат на улица.
Протестот ќе почне од пред ССМ, преку Собранието и Стопанската комора, па се до Владата.