Дурмиши за минималецот: Имаме најниска продуктивност во споредба со другите земји од регионот

„Не сме против зголемување на минималецот, но првично треба работодавачите и синдикатите да се договорат“, посочи министерот за економија

од Nikola Popovski
23 прегледи Фото: Фејсбук

„За да се зголеми минималната плата, треба да се видат трите клучни фактори, односно таа методологија на пресметување. Треба да се види инфлацијата, растот на просечната плата и продуктивноста. Во нашата земја сме со најниска продуктивност во споредба со другите земји во регионот“, вели министерот за економија, Бесар Дурмиши објаснувајќи зошто во моментов не може да се зголеми минималецот во државата, и покрај барањето на ССМ и работниците.

Во дебатна емисија, запрашан дали денеска ќе излезе на протестот во организација на ССМ, Дурмиши не одговори директно туку посочи дека „многу пати кажал за барањето за зголемување на минималецот“. Вели дека преговорите треба да одат во институционална форма заедно со работодавачите.

-Најпрво треба да се договорат синдикатите со работодавачите. Ние сме според законот и не сме против зголемување на минималецот, но првично тие треба да се договорат. Работодавачите ги креираат работните места и тие се двигателот на економијата. Нека се договорат двете страни, а ние ќе им помагаме. Мора да се зголеми продуктивноста, додаде Дурмиши во гостувањето на емисијата „Аргумент плус“.