Претседателот на Независниот полициски синдикат, Мартин Ефремов вели дека се згрозени од мешањето на политиката и поддршката која опозициските партии преку повици и мобилизирање на членството оркестрирано ја даваат за денешниот работнички протест. Ефремов бара од ССМ веднаш да излезат со став дека на денешните протести не им се потребни и добредојдени ниту политичарите ниту поддржувачи на политички партии.
-Дека истите тие до пред две години имаа можност да направат нешто повеќе за работникот и дека на државата во моментов не ѝ е потребна нова шарена револуција, туку подобар стандард на граѓаните.
Доколку ССМ не излезе со ваков јасен став само ќе ја потврди изјавата на премиерот дека денешните протести не се протести за плата, туку за политичка пресметка и дека во моментов помеѓу ССМ и СДСМ постои само една буква разлика, порача Ефремов.
Претседателот на ССМ Слободан Трендафилов вчера на прес-конференција рече дека протестот се организира поради игнорантскиот однос на Владата и работодавачите кои не ги зголемија платите на работниците.
Според ССМ, има многу аргументи за зголемување на платите тргнувајќи од инфлацијата се до растот на вредноста на синдикалната минимална кошничка во јануари за илјада денари. Според него, повеќе нема изговори бидејќи 200 илјади луѓе се сиромашни и живеат со плата под 30.000 денари.