ВМРО-ДПМНЕ ги обвинува ССМ и Трендафилов дека одбиле 40% покачување на платите во следните 2 години

„Трендафилов го одбил предлогот на Владата за зголемување на платите на административните службеници за 40% во следните две години. Зошто? Само затоа што не сакал да го потпише новиот колективен договор“, вели Манасиевски

од Nikola Popovski
21 прегледи Фото: ВМРО-ДПМНЕ

ВМРО-ДПМНЕ денеска го обвини првиот човек на ССМ, Слободан Трендафилов дека одбил 40% покачување на платите во следните 2 години на штета на работниците. Од партијата на власт ги употребуваат и зборовите „синдикалец на батерии“. Ова следува во пресрет на денешниот протест на ССМ и работниците и барањето за зголемување на минималната плата на 600 евра.

„Синдикалецот на батерии Слободан Трендафилов со плата 3-4 пати поголема од минималната која ја добива благодарејќи на работниците кои членуваат во неговите синдикати, им го сврте грбот и не прифати зголемување на платите во администрацијата за 40% во следните 2 години.

Слободан Трендафилов кој е многу гласен кога СДС е во опозиција, а тивок кога тие беа на власт, го одбил предлогот на Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ за зголемување на платите на административните службеници за 40% во следните две години. Зошто? Само затоа што не сакал да го потпише новиот колективен договор“, вели членот на ИК на ВМРО-ДПМНЕ, Валентин Манасиевски.

Тој обвинува дека Трендафилов ги оставил работниците на цедило и без повисоки плати, затоа што е, како што вели, политички заробеник од страна на СДСМ.

„Договорот што тој лично заедно со минатата министерка за труд и социјална политика, а сегашна потпретседателка на СДС, Јованка Тренчевска го потпишал е истечен, а со тоа се отвора можност за нов колективен договор, за кој Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ предлага административните службеници да добијат 40% повисоки плати за 2 години.

Ова ССМ и Слободан Трендафилов и УПОЗ на чело со Трпе Деаноски го одбиваат.

ССМ и Трендафилов не го поздравија досега ниту еднаш колективниот договор во образованието и здравството, ниту пак ги поздравија зголемените плати во МВР, Министерство за одбрана и во центрите за социјална работа“, додаваат од „Белата палата“.

Слични содржини