НСП го штити приватниот бизнис на Мицкоски, порачаа од СДСМ и потврдија дека нема да организираат учество на протестот на синдикалците

„Драго ни е што еден по еден излегуваат на виделина и го покажуваат своето вистинско лице. Сега граѓаните знаат кој сè работи за скапите часовници на Мицкоски“, велат од „Бихаќка“ за ставот на Независниот синдикат на полицијата

од Nikola Popovski
29 прегледи Фото: Фејсбук/СДСМ

„Нашите членови, како дел од синдикатите, можат автентично да учествуваат во протестите, но СДСМ нема и нема да даде организирана, партиска поддршка. Протестите мора да останат автентичен израз на незадоволството на работниците, исто како што и нивната организација е автентична и независна“, велат од СДСМ за денешниот протест на ССМ и барањето за покачување на минималната плата.

Од партијата додаваат дека во времето на нивното владеење со државата, немаше потреба од протести по улиците бидејќи, како што велат, платите континуирано растеа, дури и во најголемите економски и здравствени кризи, а Владата работеше во интерес на сите граѓани, а не на поединци со скапи часовници.

„Реакцијата на НСП е само во заштита на приватниот бизнис на Мицкоски. Драго ни е што еден по еден излегуваат на виделина и го покажуваат своето вистинско лице. Сега граѓаните знаат кој сè работи за скапите часовници на Мицкоски“, стои во партискиот став од таборот на Венко Филипче.

Претходно претседателот на Независниот полициски синдикат, Мартин Ефремов соопшти дека се згрозени од мешањето на политиката и поддршката која опозициските партии преку повици и мобилизирање на членството оркестрирано ја даваат за денешниот работнички протест. Ефремов бара од ССМ веднаш да излезат со став дека на денешните протести не им се потребни и добредојдени ниту политичарите ниту поддржувачи на политички партии.

НСП: Политичари и поддржувачи на партии не се добредојдени на протестот, ССМ да се огради