Рокас: Има целосна поддршка за Македонија да влезе во ЕУ и сега е моментот земјата да се обедини

„Многу е важно што и младите покажуваат дека тоа е иднината. Ветер во градите е што разните етникуми или учеството од политичките партии се стеснува, има помал јаз. Сите се „за“ ЕУ“, рече евроамбасадорот Рокас

од Nikola Popovski
33 прегледи Фото: Фејсбук/Delegation of the EU to North Macedonia

Вратата на Европската Унија е отворена ширум. Има целосна подршка за Северна Македонија да влезе во ЕУ и сметам дека во овој момент е неопходно земјата да се обедини – Владата, опозицијата, Собранието, граѓанското општество, бизнисите и младите да бидат прагматични да ги забрзаат реформите, порача денеска евроамбасадорот во земјата, Михаил Рокас.

Тој на промоцијата на двата истражувачки труда, „Анализа на јавното мислење за пристапување на Северна Македонија во Европската Унија (2014 – 2025) и „Нови глобални неизвесности, стари европски обврски: Јавното мислење за пристапување во ЕУ во 2025“ во Собранието, изрази убедување дека иако анкетата покажала дека граѓаните сметаат оти надворешниот фактор е пречка за влез во Унијата, доколку се случи внатрешно обединување, ќе се надминат другите пречки.

-Ви гарантирам дека ако ова се случи, без оглед на тоа што граѓаните мислат дека има проблеми, пречките кон пристапувањето ќе се надминат. Не само дека треба веднаш да се постапи и не е само шанса што треба да се искористи, туку такво е и времето. Оваа и минатата година не можеме да ги споредиме со ситуациите пред пет-шест или четири години – рече Рокас нагласувајќи дека сега е прашање како да градиме партнерство, доверба и кому да му веруваме.

Изрази задоволство што, според анализата, ЕУ е партнерот со најголема доверба.

– Се надевам со трудот што заеднички ќе го вложиме оваа година ќе имаме уште подобри резултати следната, не само во анкетата туку и од прагматичен аспект во поглед на движењето на земјата кон ЕУ – рече Рокас.

По неколку години пад, поддршката за членството на Македонија во Европската унија е зголемена. Над 70 проценти од граѓаните даваат поддршка за европскиот пат на земјава, но добар дел од населението верува и дека е потребно да се промени преговарачката рамка. Овие податоци денеска беа претставени во Собранието. Публикацијата доаѓа во време на нови дипломатски остри тонови меѓу Скопје и Софија.

-Поголема е поддршката од младите. Многу е важно што и младите ја поддржуваат, односно младите покажуваат дека тоа е иднината. Ветер во градите е што разните етникуми или учеството од политичките партии се стеснува, има помал јаз. Сите се „за“ ЕУ. Забележуваме дека граѓаните ги одразуваат и приоритетите на планот за раст на ЕУ и агендата за реформи, поточно заштитата на животната средина, но и реформите на судството и борбата против корупцијата – истакна Рокас.