Масовен протест на работниците во Скопје: Илјадници луѓе побараа повисоки плати

Илјадници работници од повеќе градови низ Македонија денеска се собраа пред Работничкиот дом во Скопје, изразувајќи го своето незадоволство од ниските плати и животниот стандард. Протестот се одржува под мотото „28 јануари – ден кога зборуваат работниците“.

од desk4
80 прегледи

Со транспаренти на кои пишуваше „Бараме пристојна плата“, „Зголемување на сите плати“ и со извици „Лопови!“, демонстрантите упатија критики кон Владата и стопанствениците, барајќи зголемување на минималната плата на најмалку 600 евра, како и раст на сите останати плати за 6.000 денари.

Протестот беше проследен со музика и работнички песни, меѓу кои и „Интернационалата“, како и социјално ангажирани нумери што дополнително ја засилија атмосферата и пораките на собирот.

Претседателот на Сојузот на синдикатите на Македонија, Слободан Трендафилов, им порача на насобраните дека денешниот протест покажува оти станува збор за масовен и сериозен проблем, а не за поединечни барања.

„Нема повеќе молење, време е за борба. Од Работничкиот дом продолжуваме кон Собранието, Владата и кај газдите. Нека не бројат, многу сме“, порача Трендафилов пред насобраните работници.

Организаторите најавија дека протестите ќе продолжат доколку барањата не бидат прифатени.

Слични содржини