Ѓорѓиевски соопшти дека е завршено уредувањето на Скопското кале

Историскиот локалитет Скопско кале е целосно исчистен и уреден, со што повторно е ставен во функција на граѓаните и посетителите на главниот град.

од desk4
23 прегледи

Ова денеска го соопшти градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, по извршениот увид во состојбата на локалитетот.

Според Ѓорѓиевски, Скопското кале претставува еден од најзначајните и најпрепознатливи симболи на градот и како таков заслужува постојана грижа, заштита и одржување.

„Скопското кале денес е чисто, уредено и подготвено да ја раскаже својата историја на секој посетител. Наше заедничко обврзување е да го чуваме културното наследство и да го оставиме зачувано за идните генерации“, порача градоначалникот.

Од Град Скопје наведуваат дека уредувањето на Калето е дел од пошироките активности за унапредување на јавниот простор и заштита на културно-историските знаменитости, со цел создавање побезбедна и попријатна средина за посетителите.

Во рамки на вчерашната обиколка, Ѓорѓиевски направил увид и во можностите за понатамошно активирање на просторот, како дел од подготовките за проектот Скопје – Европска престолнина на културата 2028.

На увидот присуствувале и министерот за култура Зоран Љутков, како и претставникот на Управата за заштита на културното наследство, Драги Митревски.

Според најавите, целта е целосно отворање и прилагодување на просторот на Скопското кале за културни и уметнички содржини, со строго почитување на историските слоеви и автентичноста на локалитетот. Во иднина, Калето треба да прерасне во активна и жива културна сцена на градот.