СДСМ обвинува: Владата води политика на изолација и конфликти со соседите

Опозициската СДСМ денеска обвини дека актуелната влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ намерно создава конфликти со соседните земји, меѓу кои Бугарија и Грција, со цел да ја оправда, како што велат, блокадата на европските интеграции и изолацијата на државата.

од desk4
7 прегледи

Според СДСМ, најновите случувања околу прашањето за македонскиот јазик, кое според нив одамна е затворено, претставуваат дел од, како што ја нарекуваат, анти-ЕУ кампањата на Владата. Од партијата наведуваат дека, и покрај демантите од бугарското Министерство за надворешни работи, владините претставници продолжиле со јавни прозивки и одбиле директни средби, што, според нив, дополнително ги влошува односите.

„Се создава впечаток дека конфликтите се намерни, со цел Европската унија да се прикаже како виновник, а не домашната политика“, се наведува во реакцијата на СДСМ.

Од партијата оценуваат дека ваквиот пристап резултира со конкретни последици, меѓу кои и проблемите со транспортот и движењето на камионите. Според нив, Владата имала најмалку шест месеци да реагира и да го реши прашањето, но не презела навремени мерки.

СДСМ потсетува дека, според последните истражувања на јавното мислење, околу 71 отсто од граѓаните ја поддржуваат евроинтеграцијата на земјата, што, според нив, покажува дека актуелните политики се спротивни на волјата на мнозинството.

„Политиката на изолација ја води државата кон економска и политичка маргинализација“, порачуваат од опозициската партија.