Тој нагласи дека работниците бараат фер вреднување на својот труд и достоинствени примања, а не, како што рече, „милостина“. Пешевски ги отфрли обвинувањата дека работниците не биле доволно продуктивни, оценувајќи дека ваквите тврдења доаѓаат од луѓе кои живеат во луксуз и немаат допир со реалноста на секојдневниот труд.
„Ако велат дека ние не сме продуктивни, тогаш нека дојдат тие да работат на скеле, да сечат шуми и да видат како изгледа три децении тежок физички труд“, изјави Пешевски, додавајќи дека синдикатите се подготвени да блокираат институции и, доколку биде потребно, да донесат одлука за генерален штрајк во приватниот сектор што би било прв таков случај во земјава.
Тој посочи дека многу граѓани секојдневно се соочуваат со прашањето како да ги прехранат своите семејства, додека, според него, дел од функционерите живеат во комфор и раскош, без да ја чувствуваат тежината на економската криза.