Како Германија ги депортира мигрантите?

Иако Германија нема маскирани агенти и специјализирана служба како американската ICE, властите во последната деценија значително ги засилија напорите за забрзување на депортациите.

од desk4
18 прегледи Фото: Јутјуб/Принтскрин

И актуелниот канцелар Фридрих Мерц, како и неговиот претходник Олаф Шолц, иницираа законски измени со цел да се отстранат правните пречки и да се поедностави процесот.

Резултатите се видливи и во бројките. Според податоците на Федералното министерство за внатрешни работи на Германија, од јануари до ноември 2025 година биле спроведени 21.311 депортации, што е за 16 отсто повеќе во споредба со истиот период претходната година. Дополнително, над 30.000 лица во 2025 година доброволно ја напуштиле земјата откако добиле документ со кој им се наложува да заминат во определен рок.

Кој може да биде депортиран?

Според германските правила, секој странец без регулиран престој, како и секој барател на азил чијшто барање е одбиено, е должен да ја напушти земјата. За барателите на азил рокот најчесто изнесува еден месец. Доколку тоа не се случи, следува депортација.

Постојат и исклучоци. Одредени лица добиваат статус на „толериран престој“ (Duldung) доколку постојат пречки за нивна депортација, како што се:

  • неутврден идентитет
  • блиски семејни врски со лица со сличен статус
  • хуманитарни или медицински причини
  • вработување во Германија

Околу 180.000 луѓе во Германија моментално имаат ваков статус.

Одлуката за депортација ја носи локалната служба за странци. Доколку не постојат правни пречки, се одредува датум за депортација, кој најчесто не му се соопштува на лицето. Ако постои ризик од бегство, можен е и притвор до денот на депортацијата.

Како се спроведуваат депортациите?

Иако одлуката ја носат покраинските служби, самата депортација ја спроведува Федералната полиција на Германија. Во одредени случаи се изнајмуваат цели авиони за таканаречени колективни депортации. Во 2024 година, околу 7.300 од 20.100 депортации биле извршени со чартер-летови.

Процесот често започнува со повик до лицето да се јави во службата за странци, каде што го пречекува полиција и му се соопштува дека ќе биде депортирано. Потоа, во придружба на полиција, лицето ги собира личните работи и директно се носи на аеродром.

Во други случаи, полицијата доаѓа во домовите рано наутро и ги приведува луѓето. За разлика од американската ICE, германските полицајци носат униформи, не се маскирани и мора да се легитимираат доколку тоа се побара.

Законски измени за забрзување на процесот

Во последните години Германија донесе повеќе законски измени со цел да ги забрза депортациите:

  • 2015 – проширени условите за притвор пред депортација
  • 2016 – значително ограничени медицинските исклучоци
  • 2019 – воведен превентивен притвор за лица со ризик од бегство
  • 2022 – можност за притвор до шест месеци за „опасни“ баратели на азил
  • 2024 – проширени овластувањата на полицијата за претрес на станови

Сепак, според истражувачката Свенја Шураде од Универзитетот во Гетинген, овие мерки не секогаш ја зголемуваат ефикасноста. „Нашите истражувања покажуваат дека тие повеќе водат кон поголема општествена изолација и несигурност кај засегнатите лица“, вели таа за Дојче веле.

Поглед кон иднината

Иако Германија сè уште нема специјализирана агенција за депортации, слична на ICE, тоа би можело да се промени доколку Алтернатива за Германија (AfD) ги реализира своите планови. Според германските медиуми, партијата предлага формирање посебна единица во рамки на баварската полиција, специјализирана за азил, потрага и депортации – предлог што веќе предизвикува остри реакции и дебати во јавноста.