ВМРО-ДПМНЕ: Протестот на СДСМ, Левица и ССМ со ограничена поддршка

Од ВМРО-ДПМНЕ вечерва реагираа дека протестот организиран со поддршка на СДСМ, Левица и Сојуз на синдикатите на Македонија бил посетен од околу илјада граѓани, што, според партијата, покажува ограничена поддршка за нивните барања.

од desk4
19 прегледи Фото: Локално

Од владејачката партија оценуваат дека организаторите на протестот се одлучиле за улични активности наместо за дијалог, иако, како што тврдат, претходно била понудена можност за договор околу постепено зголемување на платите, вклучително и раст од 40 проценти во период од две години.

Во реакцијата се наведува дека дел од политичките партии и синдикалното раководство, наместо да придонесат за договорно решение, го одбиле предлогот и продолжиле со притисок преку протести. Посебно се посочува улогата на претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов, за кого од ВМРО-ДПМНЕ тврдат дека не ја одразува реалната состојба на работниците со минимална плата.

„Нашиот став е дека дел од политичките и синдикалните структури само декларативно се повикуваат на заштита на работничките права, додека во пракса ги одбиваат конкретните понуди за зголемување на платите“, се наведува во соопштението.

Од ВМРО-ДПМНЕ порачуваат дека партијата и понатаму ќе се залага за подобрување на животниот стандард на граѓаните преку економски мерки и дијалог, нагласувајќи дека зголемувањето на платите треба да биде одржливо и договорено со сите засегнати страни.

Слични содржини