Левица: Ристовска од ДКСК, иако била должна, не ги пријавила фирмите на своите деца во анкетниот лист

„Антикорупционерката Ристовска крие имот - дали ДКСК ќе почне со чистење од сопствениот двор“, прашуваат од Левица

од Nikola Popovski
44 прегледи Фото: Фејсбук

Левица соопшти дека членката на Антикорупциската комисија, Цвета Ристовска, иако согласно Закон е должна да поднесе навремен, вистинит, детален, целосен анкетен лист со сиот свој имот, но и со имотот на нејзиното семејство , самата свесно го прекршила Законот. Согласно закон, секој функционер е должен да поднесе точен, целосен и вистинит анкетен лист за својот имот и имотот на членовите на семејството. Според Левица, тоа важи двојно за член на ДКСК – институција која изрекува прекршочни санкции и поведува постапки токму за непријавување, прикривање или неточно пријавување на имот.

„Сепак, Цвета Ристовска, иако била должна, не ги пријавила фирмите на своите деца во анкетниот лист. И не станува збор за формална грешка, туку за свесно изоставување на податоци кои законски морале да бидат внесени, а образецот на анкетниот лист содржи токму такви полиња! Дали Цвета Ристовска ќе се казни сама себе? Или, како и во сите случаи поврзани со власта на ДПМНЕ, така и овој таа ќе го затвори, релативизира или „заглави“ во некоја фиока?

Станува збор за членка на тело кое во изминатиот период систематски ги амнестираше од одговорност функционерите на ДПМНЕ – од сомнителни дипломи, преку судир на интереси, до милионски тендери… и секогаш „не се наоѓаше ништо спорно“. Денес истата таа членка се соочува со факт дека самата го прекршила Законот.

Ова повеќе не е само институционален пропуст, туку многу повеќе е прашање на интегритет и кредибилитет. Антикорупциска комисија во која член што затвора предмети за власта, во исто време прикрива сопствена имотна состојба, не е чувар на јавниот интерес, туку дел од партиско-коруптивниот механизам“, стои во партиското соопштение.

Левица јавно прашува дали ќе истрага и за Ристовска и дали ќе важи законот и за оние што треба да го спроведуваат.