Градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски утрово сподели убава вест за Скопје – започната постапка за набавка на повеќе од 40 возила за Комунална хигиена.
„Денес со огромна радост ве информирам дека официјално започна постапката за набавка на специјализирани возила за потребите на ЈП „Комунална хигиена“, кои ќе донесат ред и достоинство во нашиот град. Тендерската постапка која ја спроведува Министерството за транспорт во соработка со Светска банка е веќе распишана, а по завршување на сите правни процедури ќе започне и испораката на возилата“, информира Ѓорѓиевски.
Покрај ова, посочи дека денес на седницата на Советот на Град Скопје ќе биде усвоена и програмата за Комунална хигиена, со која градот обезбедува уште повеќе од десет нови камиони од сопствени средства.
Ова значи дека во Скопје ќе пристигнат и ќе бидат ставени во функција повеќе од 40 нови, современи и специјализирани возила кои секојдневно ќе се грижат за чистотата низ целиот град, додава тој.
„Ова, истовремено е и најголемата инвестиција во јавната чистота во последните десет години, што јасно говори за нашите силни заложби за доброто на граѓаните. Само за споредба, ова се случува за помалку од три месеци откако сум градоначалник, споредбено со осум години во минатото, кога биле набавени само 4 возила. И ова не е крај, набавката на нови возила за потребите на претпријатието продолжува во континуитет. Проблемот со отпадот кој со години ги мачеше скопјани, заминува во историјата, нагласува градоначалникот.
Вели дека градот ќе располага со доволен број современи возила за да ја покрие секоја населба и секоја улица навремено, организирано и достоинствено.