Мицкоски до Реџепи Зејд: Мора некогаш да покажете карактер во животот инаку ќе бидете мивка, а мивките лошо завршуваат

„Не барам да се менува Уставот (на Бугарија) туку македонската заедница таму да ги добие загарантираните права согласно меѓународното право“, рече премиерот во Собранието

од Nikola Popovski
45 прегледи Фото: Принтскрин/Јутјуб

Премиерот Христијан Мицкоски повтори дека нема да има уставни измени и внесување на Бугарите во Преамбулата, се додека не бидат исполнети минимум два услови – македонската заедница во Бугарија да ги добие загарантираните права согласно меѓународното право и меѓународните конвенции за човекови права, не барам Устав да се менува и второ, додека не добиеме гаранции за македонскиот идентитет и јазик.

-Ако ние не сме добри во Кластерот владеење на право и нешто не сме испорачале, тогаш тоа е друга причина. Бараме да нема повеќе билатерални прашања кои што ќе го ограничуваат нашиот напредок во Европа. Кога нема јас да бидам премиер, претпоставувам дека ќе има друг и ќе го прашате него. За уставни измени треба 79 ваши колеги да се сложат. Јас силно ги советувам останатите 119 во оваа сала да не го поддржат вашиот став за уставни измени без овие две гаранции, кажа Мицкоски од собраниската говорница на седницата за пратенички прашања.

Премиерот, одговарајќи на прашањето на пратеникот Скендер Реџепи-Зејд, кажа и дека според пописот од 1956 година, имало 200 илјади Македонци и биле мнозинство во пиринскиот крај на Македонија. Магично, додава Мицкоски, според пописот од 1965 година, бројката станува 9000.

-Многу ли е што бараме, освен што сменивме име, знаме, банкноти, да побараме гаранции од истиот Европски совет дека ова е последниот услов и дека нема да има нови додавки и остапки за македонскиот идентитет и јазик…Треба да донесеме еден заеднички став дека без овие два три процеси нема да имаме било какви остапки во иднина за било која тема. Мора некогаш да покажете карактер во животот инаку ќе бидете мивка, а мивките лошо завршуваат, порано или подоцна. Прашање на време e, а не дали. Затоа колега Реџепи, ве замолувам да заедно со колегите поднесете резолуција со вистински принципи…, кажа Мицкоски.