Николоски: Брисел ги прифати македонските возачи како професионалци

Добив одлични вести од Брисел за проблемот со превозниците, објави вицепремиерот

од Nikola Popovski
35 прегледи Фото: Министерство за транспорт и врски

Вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски објави дека проблемот со превозниците и нивните протести е решен.

„Само што добив одлични вести од Брисел во врска со огромниот проблем на превозниците од Македонија! Нашите ставови се прифатени. Возачите се прифатени како професионалци. Тоа е тоа што го баравме.

После протестите и силната офанзива изминатиот период Брисел ќе донесе нова Стратегија за визи која ќе значи решавање на проблемот со кој се соочија професионалните возачи. Во прилог најзначајниот дел од неа. Благодарам до сите пријатели на Македонија кои помогнаа со цел да се реши овој проблем“, стои во објавата на Николоски.

Претходно, Николоски предупреди дека немање решение ќе биде сериозен удар врз транспортните компании, со оглед на тоа што тие работат просечно 240 до 250 дена во годината. Тој додаде дека ова ќе влијае и на извозот во Велика Британија, втор трговски партнер на земјата, со можност за прекин или значително намалување на ланецот на снабдување.

Поради протест на камионските превозници, блокирани се повеќе гранични премини за влез и излез од државата.  Четврти ден камионите на превозниците од регионот се паркирани на граничните премини кон Шенген – зоната, бидејќи се бара промена на правилото за влез и излез од ЕУ.

Стопанството трпи штети, ако наскоро нема решение, и автобуските превозници ќе се приклучат на блокадите. Според проценките на стопанските комори, штетите од блокадите изнесуваат околу 100 милиони евра дневно на регионално ниво.