На прес-конференција, Силјановска Давкова истакна дека измените се неопходни, особено во делот на безбедноста во сообраќајот, нагласувајќи дека концептот на „безбеден град“ не може да функционира без јасни кривични санкции за прекршувањата што претходно биле регулирани само преку Законот за прекршоци.
Како особено значајна новина, претседателката го посочи фактот што кривичните дела поврзани со полот и родот, кои досега се гонеа исклучиво по предлог на оштетените, со измените ќе се гонеaт по службена должност. Таа нагласи дека оваа промена е од суштинско значење за подобра заштита на жените.
Во исто време, Силјановска Давкова укажа дека има сериозни забелешки во делот на кривичните дела поврзани со злоупотреба на службената положба и јавните набавки, оценувајќи дека тие одредби бараат дополнително прецизирање и посигурни законски формулации. Таа потсети дека дел од критиките доаѓаат од актери кои во 2023 година ги поддржувале тогашните измени, повикувајќи се на компаративни европски искуства.
Претседателката појасни дека измените ги прифаќа исклучиво како привремено решение, во очекување на донесување на целосно нов Кривичен законик, на кој, како што рече, подолг период се работи и кој треба да биде клучен дел од судските реформи.
Како дополнителна причина за ставање потпис, таа го наведе и широкиот политички консензус во Собранието, посочувајќи дека поддршката од речиси 80 пратеници, вклучително и гласовите на СДСМ, претставува силен сигнал дека постои двотретинско мнозинство за ваквото законско решение.
Силјановска Давкова нагласи дека потписот е ставен по разговори со предлагачот и Владата, како и по добиени уверувања дека измените нема да значат пролонгирање на донесувањето на новиот Кривичен законик.