H&M со пад на приходите поради зајакнувањето на шведската круна

Шведскиот трговец со облека H&M соопшти дека деловната 2025 година ја завршил со понизок приход, главно поради неповолното влијание на девизните курсеви, иако компанијата остварила солидни резултати на пазарите во Западна Европа.

од desk4
12 прегледи

Во деловната година која заврши во ноември 2025 година, нето-приходот на групацијата изнесувал 228,28 милијарди шведски круни (околу 21,6 милијарди евра), што претставува пад од три проценти во однос на претходната година. Мерено во локални валути, приходот сепак пораснал за два проценти.

Раководството посочува дека во периодот од септември до ноември зајакнувањето на шведската круна го намалило нето-приходот за околу седум процентни поени.

Регионални резултати

Најдобри резултати компанијата остварила во Западна Европа, каде што приходот останал на нивото од претходната година, а во локална валута пораснал за два проценти.

Во Јужна Европа, нето-приходот изразен во круни се намалил за еден процент, но во локални валути е забележан раст од пет проценти. Најголем пад, од седум проценти, е евидентиран во регионот кој ги опфаќа Азија, Океанија и Африка, додека во Северна и Јужна Америка приходите пресметани во круни се намалиле за пет проценти.

Добивка и очекувања

И покрај падот на приходите, нето-добивката на H&M во текот на целата деловна година пораснала за 5,2 проценти, достигнувајќи 12,2 милијарди круни. На крајот од 2025 година, групацијата управувала со вкупно 4.101 продавница, што е за четири проценти помалку во споредба со крајот на 2024 година.

За периодот од почетокот на декември минатата година до 31 јануари 2026 година, компанијата очекува пад на приходите изразени во локални валути од околу два проценти. Од управата наведуваат дека резултатите во декември биле послаби поради намалената побарувачка по завршувањето на кампањите за „Црн петок“.

„Почетокот на новата година е обележан со континуирана геополитичка и економска неизвесност, што ја нагласува потребата од ефикасна организација, брзо донесување одлуки и внимателно следење на навиките на потрошувачите, како и строга контрола на трошоците“, изјави извршниот директор Даниел Ервер.