Од здружението изразија благодарност до професионалните возачи и сите граѓани кои во изминатите денови ја поддржаа акцијата, оценувајќи дека заедништвото и солидарноста придонеле за конкретен напредок во решавањето на проблемот.
Како што информираат, врз основа на официјално известување од министерот за транспорт Александар Николоски, Европска комисија донела одлука да изработи нова визна стратегија. Со неа се очекува надминување на проблемот со правилото за престој „90 дена во период од 180 дена“, кое директно ги погодуваше професионалните возачи што сообраќаат во земјите од Шенген-зоната.
По добиената потврда за најавените измени, „Макам-транс“ донесе одлука да ги повлече блокадите на граничните премини Деве Баир, Делчево, Ново Село, Дојран, Богородица, Меџитлија, Ќафасан, Блаце, Блато и Стење.
Од асоцијацијата упатија и благодарност до медиумите кои, како што наведуваат, помогнале нивните барања да станат видливи и на европско ниво, потенцирајќи дека координацијата и единството ќе останат клучни и во понатамошната борба за правата на професионалните возачи.