Најчевска: Тоа што Сиљановска без двоумење ги потпиша измените на КЗ е јасен показател дека продолжува ситуацијата во која функцијата претседател на државата е бесмислена

„Со новите измени на Кривичниот законик се зацврстува практиката на застарување на делата направени во вршење на службена должност, со што се овозможува неказнивост на високи функционери во власта“, вели проф. Најчевска за „Локално“

од Nikola Popovski
48 прегледи Мирјана Најчевска - Фото: Јутјуб/Принтскрин/Тера

Завчера со 76 гласа „за“ и еден „против“ во Собранието беа изгласани измените и дополнувањата на Кривичниот законик (КЗ) што ги предложија пратеници од владејачкото мнозинство. Поддршка за него дадоа и од пратеничката група на СДСМ, иако претходно велеа дека имаат одредени забелешки. Законското решение не доби поддршка од пратеничката група на Левица, од каде што рекоа дека е лошо и ја уназадува состојбата од онаа што била во 2023 година. Со нив се предвидени нови казни за злоупотребите на функционерите, повисоки од спорните измени од 2023 година, но пониски од старите одредби со кои максимална казна за злоупотребите при јавните набавки беше 20 години и застаруваа за 40. Сега максималната казна е до 10 години затвор и има поинаков опис на кривичното дело.

За дел од критичката јавност, со новите измени на Кривичниот законик се зацврстува практиката на застарување на делата направени во вршење на службена должност (со што се овозможува неказнивост на високи функционери во власта). Според професорката и граѓанска активистка, Мирјана Најчевска, симнувањето на долната граница на казнување овозможува флексибилност на пресудите во услови на постоење на институтот „слободно уверување на судијата“ и во услови на веќе детектирана зависност и партиска подреденост на судиите, овозможува невоедначено казнување за истоветни или слични дела со видлива партиска преференција.

-Отсуството на драстични казни за конфликтот на интереси и предвидувањето на парична казна како замена за затворската е индикатор за негување на интерна внатрешно-партиска распределба на државните пари, истакна Најчевска во изјава за „Локално“.

За професорката, тоа што претседателката Гордана Сиљановска-Давкова без двоумење ги потпиша измените е јасен показател дека продолжува ситуацијата во која функцијата претседател на државата е бесмислена и не настапува како дел од балансирањето на властите ниту како еден од корективите на извршната и законодавната власт.

-Со примена на методот на дедукција врз основа на направените измени може со голема веројатност може да се определи кои кривични дела ги имаат напарвено и/или имаат намера да ги направат актуелните функционери, потенцира Најчевска.

Шефицата на државата вчера ги потпиша измените на Кривичниот законик кој беше изгласан во Собранието. Вели дека во одреден дел се согласува со експертската јавност која имаше забелешки за измените за кривичните дела и санкциите за функционерите, но и дека ова го прикажа како транзициско решение додека не биде донесен новиот Кривичен законик во јуни дотолку повеќе што и најголемата опозициска партија СДСМ го поддржала ова законско решение.

-Близу двотретинска поддршка е доволна причина да стави потпис, додаде претседателката.

„Во поглед на построгите критериуми, подобро квалификуваните дела врзани за злоупотреба на службената положба ќе го толерирам ова само во пресрет на чекањето на новиот Кривичен законик. Според мене тој ќе биде клучен во судските реформи и сметам дека треба да биде донесен час поскоро. По разговори со предлагачот, со владата и по барање гаранции, ова нема да значи дека сме го решиле проблемот и одолговлекување на Кривичниот законик“, изјави Сиљановска–Давкова.

За измените на корупциските дела на функционерите реагираа невладините. Побараа од пратениците во овој меѓу период до новиот КЗ да ги вратат старите одредби од Кривичниот законик од пред септември во 2023 година. Претходно платформата за борба против корупцијата преку писмо ја повика претседателката на државата да не го потпишува указот за прогласување на Законот за изменување и дополнување на Кривичниот законик кој вчера беше изгласан во Собранието, но тој со потписот на шефицата на државата веќе беше објавен во „Службениот весник на РСМ“ со датум од 28 јануари 2026 година.

Од Платформата во писмото наведоа дека ја поздравуваат потребата од интервенција во Кривичниот законик, особено по измените од 2023 година, но усвоените решенија, наместо да обезбедат правна стабилизација во преодниот период до донесувањето целосно нов Кривичен законик, сметаат оти создаваат дополнителна правна несигурност и ризик од институционална конфузија и натамошно уназадување во борбата со високата корупција.

Слични содржини