СДСМ: Имаме чувство за владино влијание врз Обвинителството

„Вчерашното излагање во Собранието може да се разбере како притисок врз Обвинителството, што е за секоја осуда, но, ако се има предвид кој го смени обивнителот и кој сака обвинител под своја контрола сѐ е јасно“, велат од СДСМ за изјавата на Мицкоски

од Nikola Popovski
15 прегледи Фото: Влада

Според СДСМ, вчерашното излагање на премиерот Христијан Мицкоски во Собранието може да се разбере како притисок врз Обвинителството, што е за секоја осуда, но, како што велат, ако се има предвид кој го смени обивнителот и кој сака обвинител под своја контрола сѐ е јасно. Од опозициската партија порачуваат дека со промена на обвинителот и планираниот избор на обвинител под своја контрола, власта го погреба правосудниот систем за да се спаси од одговорност за криминалните тендери, но и да им дели задачи што и како да работат.

„Ова е дел од планираното сценарио во рамки на црната кампања на ВМРО и обидот за линч на претседателот на СДСМ, Венко Филипче преку измислен рекет. За ниту една бомба, за ниту еден скандал што го објави СДСМ за криминалните тендери на ВМРО-ЗНАМ нема реакција на Обвинителството.

Не допира гласот до Обинителството за 161 тендер за една фирма на другарот на Мицкоски, за 51 тендер преку општините само за една фирма блиска до ВМРО, не допира гласот за скандалот со 9 милиони евра за фирма со двајца вработени, за 1,2 милиони евра во Пошта за фирмата блиска до ЗНАМ“, стои, меѓу другото, во соопштението од СДСМ.

Вчера Мицкоски од собраниската говорница, рече дека очекува, по изборот на јавен обвинител, голем број предмети држени во фиока да влезат во процедура и јавноста да види кој ја води опозицијата, како и што се случувало во Македонија седум години додека владееле СДСМ и ДУИ. Мицкоски, како што додаде одговорајќи на пратеничко прашање, рече дека очекува исто така со промените во Обвинителството голем број граѓани да се охрабрат и јавно да проговорат што сè доживеале за време на претходната влада.

„Имам чувство дека во периодот што следува, а особено по изборот на јавен обвинител, голем број наши сограѓани ќе се охрабрат да споделат јавно свои искуства што ги доживеале со претходната влада и дека голем број предмети држени во фиока ќе добијат јавност и ќе влезат во процедура. Ако ова мое чувство се потрвди како точно, граѓаните ќе слушнат во детали што се случувало седум години и кој е тој што ја води опозицијата или опозициските партии во Македонија“, кажа, меѓу другото, премиерот.