Мицкоски: На социјалните мрежи постои спин кој ги предизвикува моите математички квалитети

„Ако не сме доволно зрели како општество, за помалку од три години, и не потпишеме, тогаш не сме зрели ни за држава. Но јас, сметам дека сме зрели“, вели премиерот за ССМ и потпишувањето на Колективниот договор

од Nikola Popovski
41 прегледи Фото: Влада на РСМ

Откако ССМ денеска испрати барање до Владата во понеделник да го потпишат Колективниот договор, за кој од најголемата владеачка партија рекоа дека Синдикатите одбиле да го потпишат за покачување на платите во јавниот сектор за 40%, премиерот Христијан Мицкоски денеска даде свое објаснување за пресметката и нивната понуда како најголем работодавец во државата.

-На социјалните медиуми постои спин кој што се обидува да ги предизвика моите математички квалитети. Ние велиме вака: ако е 30 илјади денари просечната плата, сега во април ќе имаме нивелирање за мартовската плата за минималецот кој што ќе се зголеми, да претпоставиме за 1500 денари. Тогаш овие 30 илјади денари плус 1500 денари, зголемени за 8 месеци, ќе дадат збир „Х“ парички. Следната година, истите овие парички повторно ќе се зголемат за минималецот и да претпоставиме дека ќе биде повторно 1500 денари. Тој збир „Х“ плус тие 1500 денари ќе се зголемат за нови 8 проценти и ќе добиеме „Y“ парички. Третата година 2028 во април, овие „Y“ парички повторно ќе се зголемат за минималецот од 1500 денари и сето тоа ќе се зголеми повторно за 8 проценти. Ќе добиеме „Z“ парички кои ќе бидат за минимум 40% повеќе од 30 илјади денари, кажа денеска премиерот.

Тој додаде дека како Влада имале еден услов – во Општиот колективен договор, делот кај што стојат платите, да се избрише, и во периодот од три години да го репреговараат. Според него, имаат доволен период од три години.

-Ова не сакаше да го потпише ССМ, велеа како ќе се откажат од Општиот договор и од тој дел, кога сме го потпишале со Тренчевска. Јас велам вие не се откажувате, важењето на Општиот договор е престанато. Тој останува во важност, до носење на друг. Ние ако избришеме делот на платите и кој што е збунувачки, ќе се повикаме на овој гранков договор кој што ќе го потпишеме со гранковите синдикати за државната администрација. Тие не го прифатија тоа. Ако не сме доволно зрели како општество, за помалку од три години, и не потпишеме, тогаш не сме зрели ни за држава. Но јас, сметам дека сме зрели, изјави Мицкоски од Економскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“.