По поплавите во Струмичко кои однесоа добиток во водите, Министерството за земјоделство најави поддршка за фармерот кој претрпе големи загуби.
„Денеска го посетив фармерот Никола Колев од Костурино, Општина Струмица, кој за време на обилните дождови го загуби своето стадо на овци и јагниња. Во разговорот, го информирав дека Општината веќе има формирано комисија за процена на штетите од невремето.
Согласно законот и процедурите, Никола ќе биде обесштетен од страна на Владата. Дополнително, преку Сојузот на одгледувачи на овци и со поддршка од општествено одговорни компании, ќе се помогне во обновата на фармата“, сподели со јавноста министерот за земјоделство, Цветан Трипуновски.
Поддршка за Колев е предвидено да стигне и од членовите на Сојузот на одгледувачи на овци на Македонија. Насер Џемаили ги повика сточарите од државата на солидарност и да му помогнат на Никола со една или две овци или колку се во можност.
Трипуновски истакна дека е во комуникација и со општествено одговорни компании од регионот, ќе помогнат со донација на градежни материјали за изградба на нова штала, со што фармерот ќе може да продолжи со одгледување на преживеаните овци и оние кои ќе ги добие.
„Излегуваме во пресрет и максимално ќе помогнеме за да се санира и биде вратено во нормална функција. Јавното комунално претпријатие ќе преземе активности за чистење на одредена каналска мрежа за да не дојде до ново поплавување“, појасни министерот.