СДСМ го поднесе Законот за минималец од 600 евра за работниците

Финансиските импликации за овој закон се во износ од 7.500.000.000 денари

од Nikola Popovski
25 прегледи Фото: СДСМ

Пратеничката група на СДСМ денеска во Собранието го поднесе предлог Законот за изменување и дополнување на Законот за минимална плата. Согласно потребите на работниците и барањата на синдикатите, со измените вистината на минималната плата се одредува на 36.960 денари односно 600 евра.

Во образложението се наведува дека во текот на 2025 година е евидентиран континуиран пораст на инфлацијата, при што индексот на трошоците на живот бележи значително зголемување.

-Поскапувањата кај храната и основните животни намирници, како и растот на цените на електричната енергија, греењето и услугите, реално ја намалуваат куповната моќ на работниците, особено на оние кои примаат минимална плата.

Ова особено се одразува врз најранливите категории на работници, кај кои минималната плата претставува единствен или доминантен извор на приходи.

Дополнително, синдикатите, како легитимни претставници и заштитници на правата на работниците, во континуитет укажуваат на потребата од дополнително зголемување на минималната плата, со цел ублажување на ефектите од инфлацијата, обезбедување достоинствен животен стандард и зголемување на социјалната сигурност на работниците и нивните семејства.

Финансиските импликации за овој закон се во износ од 7.500.000.000 денари. СДСМ е на страна на работниците. Очекуваме поддршка од сите парламентарни партии, стои во соопштението од СДСМ.

Сојузот на синдикати денеска го повикаа премиерот во понеделник да го потпишат колективниот договор за зголемување на минималната плата. Најавија блокади пред Парламентот.

„Веројатно тие ќе бидат првите што ќе ги блокираме, затоа што тие нè блокираа цела година, го чуваа законот во фиока и не сакаа да ги зголемат платите на работниците. Тоа значи дека пратениците ќе мора да дојдат пеш или со јавен превоз, како што одат работниците на работа. Тој ден нема да можат да наплатат патни трошоци, а ќе побарам од претседателот на Собранието да нè информира кој пратеник побарал патни трошоци за тој ден“, кажа претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов.

Мицкоски денеска ја бранеше „новата формула“ за зголемување на платите во државната администрација, тврдејќи дека Владата нуди раст „до 2028 година“, но без да презема обврски по тој период. Во истата реченица ја префрли одговорноста кон ССМ: синдикатот, рече, „не сака да потпише“, иако, според Владата, моделот носи најмалку 40% повисоки плати во тригодишен циклус.