Министерката за финансии Гордана Димитриеска Кочоска оцени дека ваквото ниво на јавниот долг претставува јасен показател за спроведувањето на фискалната консолидација и одговорното управување со јавните финансии. Според неа, со ова се исполнуваат и Мастришките критериуми, кои предвидуваат јавниот долг да не надминува 60 проценти од БДП.
Таа посочи дека иако првичните проекции во Стратегијата за управување со јавниот долг укажувале дека долгот може да се искачи нешто над оваа граница, резултатите покажале поинаква слика. Како што нагласи, со внимателно планирање, строга контрола на расходите и следење на трошењето не само на централната влада, туку и на јавните претпријатија и акционерските друштва, било возможно побрзо да се постигнат подобри резултати од очекуваното.
Според министерката, пониското ниво на јавниот долг во однос на проекциите е резултат на рационалното трошење во рамки на централниот буџет, како и на контролираното и фазно повлекување на кредитните средства од страна на јавните претпријатија. Во тој процес, значајна улога, како што наведе, имаат Секторот за буџети и Секторот за меѓународни финансии во Министерството за финансии, кои континуирано ја следат финансиската состојба и реализацијата на задолжувањата.
Во однос на очекувањата за 2026 година, Димитриеска Кочоска изјави дека не очекува јавниот долг да надмине 60 проценти од БДП, но дека динамиката ќе зависи од реализацијата на приходите. Таа нагласи дека даночните приходи се проектирани реално и дека постои можност за нивно надминување, особено со целосната примена на системот за е-фактура.
Според податоците на Министерството за финансии, вкупниот јавен долг на крајот на 2025 година изнесува 10.064,1 милиони евра, од кои 4.493,9 милиони евра се надворешен, а 4.570,2 милиони евра внатрешен јавен долг. Државниот долг изнесува 5.382,5 милиони евра, односно 51,8 проценти од БДП, што претставува намалување од 1,2 процентни поени во однос на претходната година.